Мицкоски: Заев го лаже народот дека ќе биде дел од ЕУ, а самиот се откажува од тоа

Сликата која европските лидери ја имаат за Македонија како држава во која цвета криминал и корупција нема да ја сменат по неколкуте средби со Заев, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Според него настапот на македонскиот премиер на форумот во Атина бил недостоинствен и понижувачки. Претседателот на најголемата опозициска партија е изненаден од песимистичката изјава на Заев за можностите за бугарска блокада на нашите евроинтеграции бидејќи во исто време зборува за европска иднина.

“Мене ме изненади и онаа негова изјава на лош англиски јазик од Атина каде што вели дека Бугарија имала 35 шанси како да ја блокира Македонија. Како тогаш го лажете македонскиот народ дека некогаш ќе биде дел од европското семејство, доколку самите се откажувате од тоа? Ако Зоран Заев смета дека Македонија може во 35 наврати да биде блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ, тогаш државата треба да бара друга алтернатива, а не да оди со главата во ѕид”, изјави Мицкоски.

Премиерот вчера истакна дека источниот сосед може да го блокира нашиот пристапен процес при секое поглавје. И дека е убеден дека може да дојде до решение.

“Треба да направиме уште еден чекор. Тоа е меѓувладината конференција. Потоа е скрининг процесот, првото поглавје, има 35 поглавја. Бугарија има можност три пати при секое од 35 поглавја да не блокира”, изјави Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Димнитров денеска од форумот во Атина порача дека случајот со македонија  е тест за тоа дали регионот на Западен Балкан може да и верува на Европската Унија. За Димитров погрешна е идејата за раздвојување на Македонија и албанија.

“Мислам дека огромно мнозинство од земјите-членки се за одржување на две меѓувладини конференции со нас и со Тирана, ова е заедничка цел, ова е нешто за кое работиме. Двете земји исполнија се што беше наложено, процесот на пристапување треба да се заснова на постигнувања, и мислам дека е крајно време да почнат пристапните преговори”, изјави Димитров.

Шефот на дипломатијата Османи пак најави дека ќе се сретне со министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија Светлан Стоев.

“Уште вчера пратив писмо честитка до новиот министер за надворешни работи изразувајќи желба за скорешна средба со цел да се продолжи со идејата за состанок на Меѓувладината комисија, усвојување на извештаите од досегашната работа на комисиите, усвојување и одобрување на акцискиот план. Мислам дека се ова важни чекори во понатамошното имплементирање на Договорот, во градење на довербата. Веќе неколку месеци инсистирам за што поскоро свикување на Меѓувладината комисија бидејќи тоа е најважниот инструмент кој што објективно проценува динамиката на имплементацијата и тоа не остава простор за субјективно толкување на динамиката. Ние сме посветени на имплементирање на Договорот”, изјави Османи.

Ставот на Стоев и на техничката бугарска влада не се разликува од оној на Захариева. Нема преговори за Македонија без отстапки за идентитетот и јазикот.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста