Учениците најверојатно школската година ќе ја завршат дома

Владата денеска одлучува дали учениците кон средината на мај ќе се вратат во училишните клупи или школската година ќе ја завршат дома.

Министерот за образование Адеми, денеска ги демантираше објавите на дел од порталите кои пишуваа дека школската година ќе започне од 18ти мај.

Додека пак Техничкиот премиер, Оливер Спасовски само пред една недела рече  дека засега не може да каже кога би можело да се вратат децата во градинките и училиштата и додаде дека тој дел  ќе се анализира и ќе се носат одлуки по првомајските празници.

Инаку претходно професорите изјавија дека не гледаат никаква логика учебната година да стартува пред нејзиниот крај. Велат дека немаат никакви информации, дали годината треба онлајн да се заврши и дали воопшто ќе се полага матура за учениците од четврта година средно.

Професорите велат дека се е неизвесно, но,и покрај предлогот на СДСМ за матура оваа година да не се полага, тие останаа децидни дека матура мора да се полага бидејќи има ученици кои планираат да аплицираат на факултет во странство, а речиси во сите земји матурата е задолжителна.

Соседните земји уште во март пресекоа дека учебната година е завршена. Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека ризикот за повторно отворање на училиштата е огромен и дека професорите и учениците не треба да бидат ни најмалку изложени.

Дејан Трендов