Тутунарите добија уште едно ветување дека ќе се откупи вишокот тутун

Тутунарите по кој знае кој пат добија ветување дека вишокот  тутун ќе се откупи , но не по ланската цена како што бараат тие , туку по годинешната од 166 денари за килограм, бидејќи  квалитетот бил лош. По средбата со министерот, тутунарите добија ветување и дека компаниите ќе ја забрзаат динамиката на откуп, а пунктовите ќе бидат отворени додека не заврши процесот во целост. Ако има потреба, ќе се пролонгира и на рокот за откуп и по февруари. Досега се откупени 40% од реколтата.

  • Решение има ако фирмите ја забрзаат динамиката и го откупот вишокот на тутунот како што беше догорено денеска. Се согласија пунктовите да работат до законскиот рок, но и потоа, ако има потреба. Динамиката на откуп ќе биде зоглемена. Сите компании кажаа дека вагите ќе бидат отворени до преземање на сите количини, рече претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски.

На средбата е договорено, додаде Стомнароски, производителите во подрачните единици да ги пријават вишоците тутун и да кажат со кои компании имаат склучено договори. 

Потоа ќе седнеме со откупувачите и ќе се одлучи која компанија колку ќе преземе за да се откупи целиот тутун, истакна претседателот на Сојузот.

Динамиката на откуп засега е 700 тони дневно, а колку вишок тутун има, министерот не знае. Хоџа признава дека оваа година е погубна за тутунарите .

  • Незадоволството кај тутунарите е нормално зашто цената не е како лани. Но, тоа не зависи од нас или од нив, временските услови се такви какви што се, квалитетот е многу послаб. Сепак, со сите напори што ги правиме и со сите заложби на релевантните страни, мислам дека спасуваме на најдобар можен начин тоа што одеше во навистина многу лош правец. Веќе имаме 40 отсто откупен тутун и малку појасна слика од претходно. За жал, тоа што претпоставуваме дека имаме послаб тутун од лани се покажува секојдневно од сите податоци. Динамкиката на откуп е 700 тони дневно, сметаме дека ќе се испочтитува законскиот рок за откупот и  нема да има потреба од негово поместување. Ако поради временските или други услови се оцени дека има потреба, ќе се подготви и законска измена за да се продолжи рокот најмалку две до четири недели, рече министерот Аријанит Хоџа.

Тутунарите во неколку наврати протестираа, незадоволни од проценката. Се жалеа дека се изманипулирани од откупувачите, а својот револт го изразија и пред Владата, последен пат пред една недела кога симболично запалија тутун. Со министерот кој постојано ја следеше состојбата, имаа повеќе средби, но попусто.

Ланската реколта која важеше за една од досега најдобрите, заврши со откупени 26.000 тони тутун со просечна цена 220 денари. Според Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени 8.550 тони тутун, а просечната цена е 166,5 денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста