Туристичките агенции оставени на цедило и пред колапс, најавуваат протест за следната недела

Туристичките агенции оставени на цедило, без денар и пред колапс. Секторот што беше двигател во економијата буквално клекнал на колена, алармираат туристичките работници, кои веќе 5 месеци едвај врзуваат крај со крај. Велат интерес за патувања речиси и да нема, а сезоната полека одминува. Бараат час поскоро финансиска помош од државата.

– Готови сме. Пандемијата не дотолчи, оставени сме буквално на цедило. Ако државата не ни помогне и покрај што имаме нула денари профит пропаднавме и затвораме за некој месец, рече за Алфа, туристичкиот работник Ана Марија Алексова.

Од секторот велат дека од заработката на летната сезона живеат цела година, а со оглед на тоа што годинава се без работа, голема била веројатноста од есен добар дел од нив да стават клуч на врата и да ги отпуштат сите работници. За да не дојде до ова, бараат државна помош, во спротивно ќе излезат на улица од следната недела.

– Следна недела ќе излеземе на улица, до сега чекаме скоро 5 месеци, но бадијала. Нашитот глас никако да се слушне. Во нашиот сектор не сме само ние тука, тука се туристичките водичи, потоа превозниците, консултантите, и еден куп работници кои ќе останеме на улица ако некој сериозно не ни помогне. Доставивме барања до министерството за економија, но нема никаков одговор. Ваучерите воопшто не ни помогнаа, стварно не знам како ќе излеземе на крај, додава Алексова.

Ако и натаму не се чуе гласот на туристичките работници, околу 5.000 луѓе ќе останат на улица. Она што дополнително загрижува е дека само во мај годинава земјава ја посетиле 838 туристи што е за скоро 100% помалку во однос на истиот месец лани. Според Државната статистика, реализирани биле близу 5.000 ноќевања што е 97,6% помалку за разлика од лани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста