Тетово под Шара, а жедно за вода

Тетовскиот водовод периодов едвај го снабдува градот со вода.Најкритично е во горните делови, каде чешмите се суви и по цели денови. Граѓаните се жалат дека проблемот со децении никако да се реши, а сметките тековно доаѓаат за наплата.

„Се снаоѓаме, со буриња, нема притисок полниш шишиња, тоа што е потребно за лична употреба мора да наполниш“, вели жителка.

„Како 19 век, вода да полниме во тенџериња да се бањаме, а дека нема притисок, не може еден дел на градот да има нон стоп, а другиот рестрикции, што сме ние граѓани од втора категорија?“, прашува друг жител.

„Со шишиња како во турско време се миеме, се переме рачно, во 21 век ова е катастрофа, каде е водава навистина не знам каде ја носат, под Шара живееме вода немаме, еве одам немиена на работа“, изјави жителка.

Во Водовод велат дека проблемот бил во слабата издашност на изворите и нерационалното трошење.Во моментов заедно со бунарите, издашноста е едвај околу 300 литри вода во секунда.

Тетово повторно е жедно за вода. Ниту новиот водовод кој се изгради пред неколку години,после децени чекање, не го реши проблемот, како што тврдеа надлежните.

За подобро водоснабдување на градот нема оптимистички најави, па можно е следниот период, да се воведат и рестрикции.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста