Заев засега нема план Б ако не се одржи првата меѓувладина конференција

Заев засега нема конкретен план што би се случило доколку Бугарија стави вето за почеток на преговорите на Македонија за влез во европското семејство. Првиот човек на владата освен добра волја и дијалог не понуди ништо како да го решиме проблемот со барањата на Софија, кои ја блокираат Македонија. Дали ако Бугарија не блокира, договорот ќе биде неважечки, оти во истиот источниот сосед е обврзан да ја поддржува Македонија за влез во ЕУ, Заев не кажа.

Знаете дека во пракса ги избегнува овие прашања, “ што би било, кога би било” затоа што се дава шанса на тоа што го работиме, јас навистина верувам дека ќе изнајдеме решение, рече Зоран Заев – претседател на Владата.

Заев вели дека дипломатски тимови веќе работат на решавање на проблемот со Бугарија, се уште е оптимист дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи кон крајот на годинава, но повтори дека има шанси и за блокада од официјална Софија.

Силно и лично јас сум фокусиран, сите наши капацитети што ги имаме за да се изнајде решение кое што ќе даде бустинг, на се надевам убава атмосфера, на одржувањето на првата меѓувладина конференција која треба да се одржи со завршувањето на оваа година, а тоа е за време на германското претседателство. Верувам дека навистина процесите ќе се одвиваат позитивно, иако кажуваме често пати и со граѓаните споделуваме дека  не ја отклонуваме и таа можност да не се продолжи со овој чекор токму сега до крајот на декември…. рече Заев.

Заев треба да се сретне со Борисов кон средината на наредниот месец, сепак кажа дека изминатиов период односно пред 11 октомври имал за последен пат разговор со неговиот „ голем пријател и брат“ Бојко Борисов со кој разговарале на многу теми.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста