Судот го одби Обвинителството: Рашковски од дома може да комуницира со кого сака

Наместо во Шутка, Драги Рашковски останува дома, со можност слободно да комуницира со кога сака, па дури и со сведоци и со други луѓе опфатени во кривичниот процес против него. Судот го одби барањето на Обвинителство, поранешниот генерален секретар на Владата да се врати во Шутка, затоа што во првото решение за домашен притвор не му било забрането да комуницира со било кого.

-Мерката за обезбедување присуство – Куќен притвор за осомничениот Д.Р. продолжена со решение на Кривичниот суд, а потврдeна од Апелациониот суд, опстојува БЕЗ дополнителна мерка за претпазливост  – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација, информираа од Кривичен суд.

А токму користењето на телефон и зборувањето со другите обвинети беше причината што обвинителот барал тој да биде вратен во Шутка. Со кого и што зборувал и дали со тоа влијаел врз сведоци засега не се знае.

Причината поради која Рашковски првиот пат заврши во Шутка, од каде беше пуштен е СМС порака во која тој на друг осомничен му вели да зборува стручно, бидејќи обвинителите биле глупи и немало да  разберат.

Она што е проблематично, е што самата одлука Рашковски да биде дома е противзаконска. Имено паричната гаранција која ја даде, не важи ако причината за притвор е сомнеж за влијание врз сведоци. Ова е пропишано во член 173 став 7 од Законот за кривична постапка.

-Кога притворот е определен според членот 165 став (1) точка 2 од овој закон, а обвинетиот дал изјава за признавање на вината или откако ќе бидат прибавени сите докази поради кои притворот по овој основ бил определен, а најдоцна до завршување на главната расправа, се вели во член 173 став 7 од ЗКП.

За неговиот пријател и шеф, ремиерот Заев, поранешниот генерален секретар на Владата не бил виновен. Тој во една прилика дури изјави дека не и верувал на обвинителката Вилма Русковска, велејќи дека немало ништо сомнително во набавката на софтверот.

-Да се расчисти работата од позитивен аспект затоа што е нешто кое што се спроведувало за време на техничката влада и видов докази и информации за меѓусебна комуникација меѓу Генерален секретаријат и МВР. Секако дека исклучувам секаков сомнеж за набавка, тоа е правено колку што се сеќавам со ФИНКИ, со тендерска процедура, велеше Заев.

Рашковски е осомничен за набавка на софтвер за МВР, кој е негова иновација.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста