Заканата за пад на Владата го промени ставот на Заев: Можна е коалиција со ДУИ за Тетово

Спасот на владината коалиција го промени ставот на премиерот Зоран Заев. За само два дена две различни изјави. Заканата на ДУИ дека ќе ја напушти коалицијата, со што би паднала и Владата, доведе до промена на ставот кај Заев. Прво велеше дека СДСМ со свој кандидат ќе трча за Тетово, за сега да дојде до отворање на можноста за заеднички настап со ДУИ. Само ќе требало да почекаме да поминел разговорот меѓу премиерот и првиот човек на Интегративците Али Ахмети, по што ќе се знаело дали ќе трчаат заедно за Тетово.

-Пополекичка, кротко, ќе биде, се работи за коалициони партнери кои што имаме голема доверба. Уште еднаш само ќе потврдиме дека желбата за заеднички настап е присутна, а деталите и јас и тој веројатно денеска не можеме да ги кажеме, постапките траат за градоначалници, ниту знаеме кои ќе бидат од ДУИ, од ДПА, од БЕСА, ниту од СДСМ кандидатите еве за Тетово, изјави Заев.

Заканата на ДУИ иако неофицијална го промени ставот на Заев. Додека пак официјалниот став, кој го соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи е дека тие не можеле да ја напуштат Владата, бидејќи таа била нивна.

-Прво ДУИ не може да ја напушти сопствената Влада, ова е Влада на ДУИ, така што мислам дека таа матрица дека ДУИ е влезена е погрешна, ова е Влада на ДУИ. Не може да излезе од сопствената Влада, изјави Османи.

Периодов проблем стана и датумот на кој треба да се одржат изборите, Заев прво  го предложи 31 октомври, што би било кршење на Уставот, бидејќи мандатите на градоначалниците и советите завршуваат на 15-ти октомври. И по ова прашање премиерот го смени својот став.  Сега бил подготвен изборите да се одржат на 17-ти октомври. Овој датум е единствена опција за опозицијата. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели се друго би било кршење на Уставот.

-Ако уставот вели дека мандатот на градоначаниците и советите е четири години, тогаш после четири години ние мораме да го имаме првиот круг за избор на градоначалници и советници. Така што ова не треба да биде тема на дневна политика затоа што јасен е уставот. Како што е уставот го повикувам претседателот на Собранието, првиот спикер Талат Џафери да ги распише изборите како што се според уставот дефинирани, изјави Мицкоски.

Од ДУИ пак кажаа дека датумот за избори не бил проблем за нив, кога и да се одржеле ќе ги победеле своите ривали од албанскиот политички блок.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста