Срам за демократијата во Парламентот – опозицијата алармира за киднапиран пратеник?!
Власта се препелка во живата кал и ако мислат дека ова е некаков политички триумф, не напротив, мислам дека е ова голем срам за демократијата – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Вака Христијан Мицкоски го објасни она што во Собранието се случуваше денеска, заедно со сите други опозициски лидери стравувајќи дека пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи е киднапиран, за да не гласа за довербата на Владата предводена од СДСМ и ДУИ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше дека во моментов најважно каква е состојбата Реџепи.
Се шпекулираше за вакво нешто уште во текот на вчерашниот ден, дека ќе се случи, ако мислите дека не сме го очекувале, се лажете го очекувавме. Јас бев денеска на факултетот имав часови, а потоа дојдов од таму да се координирам пратеничката група. Така што ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, тогаш се поставува прашањето дали човек вреди да се занимава со политика додека оваа власт предводена од Зоран Заев постои – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Самиот Реџепи откако речиси цел ден го немаше никаде, објави видео на својот Фејсбук профил. Но каде се наоѓа се уште е непознато. Вели бил на сигурно, а во јавноста кога ќе се обрател кога ќе завршеле заканите кон него и ќе одговорел на сите прашања.
Сигурноста и стабилноста на државата, треба да биде најважното нешто за сите нас, претседателот Билал Касами и другите нема потреба да се грижат за мене, јас сум на сигурно место на правилната страна. Сум со Албанците и со сите граѓани на државата кои сакаат мир, слобода и демократија, сум со Европската Унија и НАТО, а не со анти албанските групации – вели пратеникот од БЕСА Кастриот Реџепи.
Сепак, лидерот на неговата партија, Билал Касами, вели дека Реџепи бил на сила натеран да го сними ова видео. Како што кажа тој, видеото било снимено, додека тој со блиското семејство на Реџепи, бил неговото исчезнување да го пријави во полиција.
Во ситуација кога јас одам заедно со членови на семејство да го пријавам за исчезнат, заедно со неговото семејство блиско, значи излегува ова видео. Затоа ние се сомневаме дека целата оваа ситуација е исценирана од власта, во контекст на гласањето – изјави претседателот на БЕСА Билал Касами.
Во јавноста се појавија шпекулации дека Реџепи бил во штабот на ДУИ, од каде пак го демантираат тоа, само кажаа дека со овој потег тој покажал дека неговото срце било во Брисел и Вашингтон. За поголем број прашања новинарите немаа можност, бидејќи пратеникот Арбер Адеми реши да си замине.
Срцето на господинот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел, јас сум длабоко убеден дека токму неговата одлука лежи тука. (А каде лежат нозете на Кастриот Реџепи) Ќе го прашате господинот Реџепи, не немаме информации – изјави пратеникот од ДУИ Арбер Адеми.
Уште пред да биде објавено видеото на Реџепи, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кажа дека знаел кој се причините зошто го нема пратеникот, а тоа не било притисок од власта. Знаел, иако тврди немал никаков контакт со него.
Јас кажувам што велат моите информации, јас лично сум немал контакт со него, очекувам дека господинот Кастриот Реџепи, во најбрз рок ќе ја информира јавноста и медиумите што му се случувало нему и зошто донел таква одлука – изјави пратеникот од СДСМ Јован Митрески.
И покрај ваквите на еден начин смирувачки пораки, загриженост за состојбата на Кастриот Реџепи изрази лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Тој кажа дека во моментов најважно е пратеникот да е здрав и жив.
Матеја Петровски