Со вакцините Вархеји донесе и студен туш од Брисел: Албанија се одделува од пакетот со Македонија

Македонија од Оливер Вархеји доби помалку од 5.000 вакцини, но доби и студен туш кога евроинтеграцијата на државата е во прашање. Еврокомесарот за проширување пред премиерот Зоран Заев најави дека е можно Албанија да биде одделена од пакетот со Македонија и пред нас да ги започне преговорите со Европската унија, што не беше пример во минатото. Порача дека тие си ја исполните својата домашна задача и дека доколку Македонија не ја исполни до крај својата, ќе бидат разгледани други опции.

-Ако ги погледнеме достигнувањата на Република Албанија, да тие ги имаат постигнато, исполнето сите услови. Меѓутоа, ако не се постигне договор за случајот на Република Македонија мислам дека ќе дојде тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции. Денеска го разговаравме ова прашање со премиерот Заев и се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок, изјави Вархеји.

Она што е камен на сопнување во моментов е бугарското вето. Вархеји кој во октомври минатата година ни порача да не драматизираме околу ова прашање, велејќи дека решение ќе се најдело, сега не е толку сигурен, порача морало да работиме и ние, а на овој спор работела и Европската унија.

-Тоа на што ние работиме како Европска комисија е да можеме да се вратиме во нормала што е можно побрзо, а враќање во нормала значи постигнување договор меѓу двете земји. Договор значи закажување на првата меѓувладина конференција меѓу Бугарија и Македонија. И се разбира токму тоа е тоа на кое што ние како Европска Унија работиме сега, изјави Вархеји.

Дека мора да се најде решение порача и министерката за Европа и Устав на Австрија, Каролине Едштадлер, која уште еднаш ја повтори пораката дека нејзината земја може да биде посредник во решавањето на спорот со источниот сосед. Порача дека ја поддржувале Македонија на патот кон ЕУ, но ја поддржувале и Бугарија, бидејќи била земја членка.

-Ние како Австрија ќе направиме се, се со цел да ги поддржиме и двете страни. Ќе ја поддржиме и Република Македонија затоа што направи многу, меѓутоа од друга страна ќе ја поддржиме и другата страна, затоа што сме ние дел од Европската унија и ги поддржуваме сите земји членки, изјави Ештадлер.

Во моменти кога Бујар Османи е на мини турнеја низ европските градови, сигурно со цел да се лобира за напредокот кон ЕУ, јасно е дека тој ќе го нема оваа година. А причина за тоа е што Бугарија во моментов е во политичка криза и не може да се формира Влада, па најверојатно во текот на летово ќе има нови парламентарни избори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста