За 7 месеци реализирани само 30% од капиталните инвестиции, Бочварски рече дека за тоа било рано да се зборува

Ништо од сериозна изградба на патишта, болници, школи, градинки. И покрај оптимизмот од власта, продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции и во седмиот месец годинава. Бројките од реализацијата од почетокот на годинава до сега покажуваат дека потрошени се само 30% од предвидените пари за капитални проекти. За ваквите поразителни бројки, министерот за транспорт вели дека било рано да се зборува. И покрај фактичката состојба, тој не се согласува со тврдењето дека реализацијата на капиталните инвестиции била ниска.

Ваквите ставови на власта јавноста постојано ги слуша. Исто како и она што Бочварски и сега го повторува деја реализацијата на проектите допрва ќе забрзала. Оптимистички тврди дека крајот на годината ќе сме ја дочекале со 80% реализација.

  • Во транспорт и врски имаме добро темпо на реализација на капиталните инвестиции. Само во првите два квартали имавме над 37 проценти од нашиот основен буџет на име на капиталните инвестиции. Во овој период капиталните инвестиции растат бидејќи се наоѓаме во период на градежната сезона. Моите очекувања се дека капиталните инвестиции ќе растат и очекувањето е дека до крајот на годината ќе имаме 80 проценти капитални инвестиции на ниво на држава, изјави денеска Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања по обвинувањата од опозицијата дека за седум месеци се реализирани само 30 проценти од капиталните инвестиции, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Потсети дека и минатата година во време на ковид криза, реализацијата на капиталните инвестиции била 80 проценти.

Од опозицијата обвинуваат дека власта наместо да работи, на големо се задолжувала. Предупредуваат за неспособност и безмилосно трошење на државните пари. Заклучно со јули владата направила дефицит, односно буџетска дупка, од 306 милиони евра.

Дека задолжувањто се продлабочува, потврдува и листата на Стандар и Пурс каде Македонија е рангирана како високоризична земја. Ваквата оценка на оваа рејтинг агенцијата кажува дека Македонија се наоѓа пред период кога отежнато ќе ги враќа долговите. Како ризици се наведуваат лошите еконосмки мерки. Во Извештајот на Стандард и Пурс се наведува дека државниот долг до крајот на 2024. година ќе достигне 58% од БДП.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста