Ситни казни за обични службеници- аферата „Мафија“ се затвора без „крупните риби“?!

Без казна за ниту една крупна риба започна решавањето на мега скандалот „Мафија“, а најверојатно така и ќе заврши. Уште на првото рочиште беа досудени четири затворски и една условна пресуда за оние кои признаа вина, за другите паксудскиот процес продолжува во раздвоена постапка. Иако постојат огромни сомнежи дека луѓе од највисоките ешалони на власта се вклучени во овој скандал судскиот процес се води само против обични вработени во МВР. По ваквиот расплет реагираше и лидерот на опозицијата. Христијан Мицкоски вели дека ова е договорена работа и голем срам за судството на Заев, најавувајќи дека одговорност ќе има веднаш по смената на власта.

-Кога ја објавив аферата мафија, Спасовски и Заев рекоа дека сум направил саботажа. Денес, кога за тоа што над 200 криминалци од Шкаљарскиот клан, турската, албанската мафија, ИСИС, италијанската ‘Ндрангета имаат македонски пасоши кои не се поништени, судството на Заев суди по само 2 години затвор, никаде ги нема да кажат збор. Затоа што овие службеници требаат да бидат топовското месо за да се заштити криминалот на власта, пиша на Фејсбук Мицкоски.

Она што е уште поскандалозно според опозицијата е што пасошите кои ги добиле странските криминалци се уште не се поништени. Според поранешниот македонски амбасадор во неколку држави, Оливер Шамбевски овој скандал може да претставува сериозен проблем за Македонија на надворешен план.

-Издавањето на овие 215 пасоши, минимум 215, сериозно компромитира многу безбедносни механизми, кои што функционираат не само во нашата земја и за заштита на нашата земја, туку на партнерите од НАТО, на целата онаа структура, шенген зоната, итн итн. Значи генерално ова е исклучително сериозно прашање, за кое последиците јас се плашам допрва ќе ги гледаме, изјави Оливер Шамбевски.

Откако признаа вина меѓу две години и две години и седум месеци затвор добија Ѓорѓе Велков, Ален Личина, Раиф Мифтари и Денис Баруфи, а Фарух Беља доби условна казна. Обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, рекоа дека не се чувствуваат виновни и за нив ќе се суди во раздвоена постапка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста