Наумовски за Алфа по ЕУ фијаското: Македонија пред 10 години беше поблиску до преговорите

Пораката на Оливер Вархеји покажува дека Македонија е во една апсурдна поразителна состојба, кога Албанија е поблиску до старт на преговори отколку ние, вели за Алфа универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски. Според него ова ја донесе македонската Влада во една незавидна положба, во која таа е жртва на нереалните очекувања кои самата си ги постави, дека по сите отстапки Македонија брзо ќе оди во преговорите и кон членството во Европската унија. Проблем плус според Наумовски е што спорот со Бугарија официјално стана услов за државава, иако претходно од Европската комисија и покрај тоа што немаше договор со источниот сосед, добивавме препорака за старт на преговорите.

-Сите оние напори што беа направени, особено во поглед на промената на уставот е една превисока цена и Владата едноставно не може да ги исполни сите оние ветувања кои што ги даде кон македонските граѓани. Спорот со Бугарија веќе официјално влегува како една официјална пречка за почетокот на преговорите. И во таа насока претстои навистина тешка задача пред нашата Влада, да го затвори тоа прашање и истовремено да ги заштити македонските национални интереси, вели Наумовски.

Она што е проблематично за Наумовски е што Македонија во моментов е подалеку од старт на преговори отколку пред 10 години, а во исто време и оптимизмот кај граѓаните за членство во унијата бил многу намален. Според него Бугарија не е единствениот проблем што ја однесе Албанија пред Македонија на патот кон Европската унија.

-Да се потсетиме дека само пред 10 години Македонија беше поблиску до почетокот на преговорите отколку што е сега. Ентузијазмот за членство во Европската унија тогаш беше многу поголем кај нашите граѓани отколку што тоа е сега. И за жал ние гледаме назадување во многу поглавја, како на пример борбата против корупцијата, недостатокот на реформи во администрацијата, како и се она што значи исполнување на европските стандарди, вели Наумовски за Алфа.

По сите направени отстапки премиерот Заев пак сега малку патриотски, вели немало да се преговара за јазикот и идентитетот. Сепак изрази и надеж дека договор е можен и со преодната Влада која ќе биде во Бугарија.

-По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена во ветерот, кој тоа ќе влезе во Европската унија и тоа сме го кажале секогаш. Така ги постигнавме и големите договори досега, штитејќи ја нашата национална посебност, тоа е македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изјави Заев.

Дека мора да се најде решение на спорот со Бугарија, порача и министерката за Европа и Устав на Австрија, Каролине Едштадлер, која уште еднаш ја повтори пораката дека нејзината земја може да биде посредник во решавањето на спорот со источниот сосед. Порача дека ја поддржувале Македонија на патот кон ЕУ, но ја поддржувале и Бугарија, бидејќи била земја членка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста