Шествалентен хром истекува близу Вардар од депонијата на Југохром,надлежните тврдат, не било опасно

Шествалентниот хром кој се излева од депонијата на Југохром во Јегуновце веднаш до коритото на Вардар е поради тоа што пречистителната станица на фабриката од септември не работи поради нејзина реконструкција и санација, велат во раководството на комбинатот.Се работело за исцедок од индустрискиот отпад , кој се таложел таму половина век.Земјиштето е одамна контаминирано,и тоа било нормално, со оглед на дејноста на фабриката. Хромот е канцероген, не се знае колку од него непрочистен истекува во реките,но надлежните тврдат дека немало место за паника.
-Факт е дека шествалентниот хром е канцероген, во колкави количини и како контаминира тоа сепак ќе каже некој друг.Наша задача е да ги прифатиме тие отпадни води, да ги пречистиме и пуштиме.Тоа не е обврска на Југохром, тоа е историски отпад, но постројката се наоѓа во кругот на фабриката и ние ја сервисираме и помагаме околу работата на самата постројка, изјави Славко Стојчески-Технички директор на Југохром
Фабриката во која некогаш работеле илјадници луѓе,веќе четири години е затворена.Можеби загадувала,но барем немало невработеност,а и живи и здрави сме, велат дел од жителите на Јегуновце,кои целиот работен век го поминале таму.Селото велат, сега е празно и пусто.
Југохром да се отвори треба, а не што загадува, населението нема пари, тоа е битно.Сум работел таму 39 години, па еве жив и здрав сум-вели жител на Јегуновце.
Тие се гасови согорливи,не се опасни по живот, чад иде,велат и тетово се загадувало, ама не вистина тоа-изјави друг жител.
Југохром ги згасна печките во ноември 2016 година,откако не успеаја преговорите со надлежните за пролонгирање на рокот за поставување филтри-услов кој требаше да се исполни за комбинатот да продолжи да работи.Без работа останаа стотици луѓе, најголемиот дел од околните села.
Милена Вучевска