Шеесетина прашања мора да им одговорите – колку време попишувачите ќе се задржат во вашиот дом?!

На шеесетина прашања ќе треба да им одговорите на попишувачите доколку одлучите во услови на пандемија да им отворите врата. Толку ќе бидат обврзувачки на пописот, а на прашањата кои најмногу се политизираа периодов, за национална и верска припадност и за јазикот не мора да се одговори. Оние граѓани кои живеат во куќи со дворови ќе можат и на отворено да им ги дадат податоците. Дел од граѓаните се исплашени за нивното здравје и имајќи го предвид времето потребно да се попише едно просечно домаќинство. Но директорот на заводот за статистика повтори дека игнорирањето на попишувачите и давањето некомплетни податоци повлекува законска одговорност. Ќе се користи кмомбиниран метод на попишување на терен и база на податоци од постоечки регистри. Ќе се попишува и резидентно население, но и лица кои не живеат во нашата држава.

“Комбинираниот метод за спроведување на пописот има свои предности. Тоа е намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција, намалување на потребното време за обработка на податоците, како и многу повисоко ниво на квалитет на податоците од пописот”, рече Симовски.

Опозицијата критикува дека пописот ќе биде политичка операција со веќе договорени проценти меѓу коалициските партнери, а не статистичка. Мицкоски бара одложување до 2022 година. Предупредува на опасностите од спроведување на попис во време на пандемија и истакнува дека ако власта инсистира тој може да се реализира и електронски.

“Да спроведат електронски попис со којшто базите на податоци коишто треба да дадат податоци за тоа колкаво е резидентното население, а колкава е бројката на иселеници можат да покријат со околу 5 % што значи дека 95 % од населението може да се попише без да биде неговото здравје загрозено. Тие 5 проценти коишто ќе останат и ќе биде невозможно преку тие бази на податоци да се попишат ќе бидат посетени од страна на неколку стотици попишувачи”, вели Мицкоски.

Пописот е планиран од 1 до 21 Април. Статистика има рок од шест месеци по срповедувањето да ги презентира резултатите. Иако оттаму веруваат дека тоа ќе можат да го сторат за три месеци.  Ќе има 5 500 попишувачи и 650 инструктори.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста