Се затвори Модуларната болница во Прилеп, ковид-пациентите хоспитализирани на Инфективното одделение

Дваесетината ковид-пациенти кои беа хоспитализирани во Модуларната болница во Прилеп, од пред два дена префлени се на Инфективното одделение, а Модуларната е затворена. Ова рокада е направена со цел заштеда на електричната енергија, но и заради намалениот број на пациентите кои се позитивни на вирусот. Според директорката на прилепската Болница, Кети Смилеска, состојбата  со овие пациенти е стабилна и за разлика од претходните периоди кога Прилеп, долго време го држеше неславното прво место според бројот на инфицирани, но и на починати граѓани, сега се држи под контрола.

„Со оглед дека подолго време во Прилеп моменталната состојба со Ковид-позитивни пациенти е стабилна и имајќи во предвид дека електричната енергија ни е пред се голем трошок за Болницата, одлучивме Инфективното одделение кое што беше празно, да го активираме повторно во Ковид-центар…и не само заради заштедата, туку и да бидеме ефикасни да биде Инективното одделение функционално“, – ни изјави за Алфа, директорката на Болницата со проширена надлежност, Кети Смилеска.

     Помеѓу пациентите кои сега се лекуваат на Инфективното одделение, а чиј вкупен број изнесува 21, има и вакцинирани и невакцинирани лица. Од  нив дури 18 се на кислородна поддршка, а додека други 20 се лекуваат во Дневната болница.

„Околу една третина од хоспитализираните се вакцинирани, но со полесна клиничка слика во споредба со невакцинираните…Имаме спорадично ипотешки пациенти, но не е правило…Возраста е над 50 години…Ние неколку месеци се наоѓаме во тој т.н. четврти или четврт продолежен – петти бран, каков и да е, но во Прилеп не ни се случи зголемување на кривата или да имаме врвови односно драстично зголемени бројки и затоа очекуваме дека и каков и друг бран да доаѓа, мислам дека ќе се справиме и ќе останеме на оваа стабилна состојба“, – појаснува Смилеска.

Модуларната болница се загреваше на клима-уреди, а додека Инфективното одделние е поврзано на централното греење од Болницата, што според Смилеска, со преместувањето на пациентите се овозможува двојна заштеда, односно и на елктричната енергија, но и на медицинскиот кадар кој сега е сконцентриран само во Инфективното одделение.

Инаку, деновиве во Прилеп, се погласни се гласините дека по промената на министерот за здравство, во прилепската Болница за прв човек ќе биде поставен кадар на Алтернатива. Актуелната директорка Смилеска рече дека со неа на оваа тема досега не било разговарано, иако, како што нагласи, сите биле подложни на промени и неа ништо не би ја изненадило. 

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста