СДСМ против широка коалиција, ВМРО ДПМНЕ гледа своја шанса

СДСМ не сака да слушне за широка коалиција. Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, во интервју за „Локално“ вели оти биле јасен победник на изборите и имале повеќе варијанти за составување на Влада. Во однос на прашањето за иден премиер, тој вели оти изборните резултати упатувале на само една опција – Зоран Заев.

„Не гледам потреба за широка коалиција, посебно не кога имаме јасен победник на изборите со повеќе опции и варијанти за составувањето на новата влада. Се контактира со повеќе субјекти, а процесот на преговори ќе почне веднаш по илинденските празници. Ќе зборуваме со сите политички чинители кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се“, вели Николовски.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ има сопствени сметки. ЦК на партијата веќе му даде на лидерот Христијан Мицкоски мандат да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство, а со тоа и да ја состави новата Влада.

За сега само Алијанса за Албанците јасно ја отфрли можноста да седне на иста страна со ДУИ. Најавија протестен марш за в понеделник поради, како што велат, изборниот криминал направен од Али Ахмети. Лидерот на Алијанса, Села, вчера се сретнал со ЕУ амбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар на кого му се пожалил за изборен инженеринг направен од ДУИ и ги објаснил жалбите поднесени до Управниот суд.

Во меѓувреме и ДУИ се чини дека се повлекува од тврдите ставови за Албанец премиер, теза со која ги „купи“ албанските гласачи на своја страна. Вчера, портпаролот на партијата Артан Груби рече оти сега било време за смиреност и умереност, како и борба против корупцијата и криминалот.

А додека јавноста е во неизвесност како течат можните комбинаторики, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев објави фотографија од одморот. На неа се гледа како седи на маса со повеќе луѓе, неговата сопруга и новинарот Борјан Јовановски.

„Дома си е дома, дома е и во Љубојно во Преспа. Медот е од Бујар, баклавата ја правеше мајка му на Линдим, а рибата ја спреми тетка Лилјана, мајката на Васко. Голема благодарност за гостопримството и одличната храна и до Борјан и до градоначалникот Живко. Цело е кога има сѐ“, пиша Заев на Фејсбук.

Фактот дека на фотографијата се најде и новинарот Јовановски, кој е познат поддржувач на политиките на СДСМ, ги зовре социјалните мрежи. Корисниците прашуваат што би се случило ако некој новинар критичен кон власта беше вака седнат на ручек со Христијан Мицкоски? „Провладините медиуми ќе го расчеречеа и не само него туку и семејството на новинарот“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста