Само 8 проценти од македонските граѓани веруваат во судството

Само 8% од граѓаните во Македонија веруваат на судскиот систем во државава. Американската амбасадорка Кејт Мери Брнз со јасна порака до макеонските судиите дека алармантно е тоа што граѓаните не веруваат во судството и потребно е што побрзо сликата да се поправи за да се врати довербата. Според Брнз, впечатокот е дека актуелната состојба со судскиот ситем и одлагањето на голем број предмети, дава изглед на нефункционалност.

„Не е тајна дека јавноста не верува во судството. Всушност, неодамнешна анкета на ‘Еуротинк’ покажа дека само 8 отсто од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно, има многу за работа, вклучувајќи судски реформи и зајакнување на институциите, но исто така треба да се адресираат и перцепциите – луѓето треба да видат и да почувствуваат дека системот функционира“, рече Брнз.

И претседателката на Судскиот совет признава дека изминатите години малку се работело на враќање на довербата на граѓаните, но се правда дека тоа било процес кој не може да се смени преку ноќ.

Ресорниот министер Агим Нухиу пак како да не ги слуша предупредувањата од амбасадорите, вели дека враќањето на довербата во судството било врвен приоритет на владата.

По официјален Брисел кој во секој извештај за напредокот на Македонија забележува дека најголем проблем останува корупцијата и не спроведувањето на реформите, сега и американската амбасада алармира дека состојбата е во критична фаза.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста