Небулозни мерки – гостите вакцинирани, за персоналот не е задолжителна имунизацијата
За влез во кафуле, ресторант или кафеана со капациетет за над 30 гости задолжителен е сертификат за вакцинација но само за гостите. Мерксата на владата која предизвика бура од реакции во јавноста не важи и за персоналот во угостителските објекти, Тие ќе може да приготвуваат и да служат храна и без да бидат вакцинирани против корона вирусот. Од министерството за здравство, како предлагач на мерките, велат дека задолжителната вакцинација за гостите, нема да важи и за вработените.
„Вработените не се должни иако е препорачано да се вакцинираат. Тие секако може да одат на работа. Целта на оваа мерка е да се спречи поголема група на луѓе односно гости кои се без вакцина да бидат на едно место и со тоа да се намали ризикот и од ширење на вирусот во угостителски објекти“, ни одговорија од Министерството за здравство.
И додека во јавноста не стивнуваат реакциите во врска со редарските служби за контрола на сертификатот за вакцинација кој станува задолжителен од 16 август, министерот за економија Крешник Бектеши и директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска најавуваат засилени контроли од понеделник. Но, нејасно е како пазарните инспектори ќе ги спорведуваат контролите, освен ако во тоа не им асистира полицијата, бидејќи единствено полициските службеници имаат надлежност да легитимираат.
Од друга страна, членот 3 од Уставот на Република Mакедонија забранува секаков вид на дискриминација, па дури и дискриминација по основ на здравствена состојба.
Рестрикции какви што се планираат кај нас, веќе се спроведуваат во некои европски развиени земји. Kонкретно Франција. но таму сертификатите ги проверува полицијата, а не редарска служба. И важат за сите локали, не само за оние каде што има повеќе од 30 лица.
Граѓаните кои со новата мерка на Владата се дискриминирани и на кои им се прекршени основните човекови права, своето незадоволство ќе го изразат на протест во недела во 19 часот пред Законодавниот дом. Ако се суди по реакциите на социјалните мрежи се очекува протестот да биде масовен.
Биљана Божиновска