Прв викенд без полициски час, враќање на старите „рани“- повторното лудување по скопските улици

Полицискиот час го снема, повторно се вратија старите скопски сообраќајни рани. Првиот „слободен“ викенд, повторно ги врати полноќните лудувања по коловозите во главниот град, кои преставуваат опасност по животот на граѓаните пред се поради прекумерната брзина.

Она што е проблематично е што Партизанска која важи за едно од главните места каде се одржуваат популарните скопски диви трки, синоќа речиси и да беше без полициска контрола, барем како што можеше да забележи камерата на Алфа.

Прв викенд како го нема полицискиот час, Скопје на моменти и скопските улици, меѓу кои и оваа Партизански одреди повторно наликуваат на тркачки патеки.

Покрај она што го регистрираше камерата на Алфа во ноќната сообраќајна контрола, видеа каде се прекршуваат законите со пребрзо возење може да се најдат и на социјалната мрежа и тоа само во последните два дена.

И покрај тоа што само камерата на Алфа може да се каже дека забележа поголем број возила кои возеа со прекумерна брзина на само една улица, полицијата синоќа пишала помалку од 60 казни за брзо возење.

-На територијата на град Скопје изречени се вкупно 203 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 58 санкции, шест прекршоци што го чинат возачите на мотоцикли, осум санкции за возачи почетници, 18 санкции за управување без возачка дозвола, информираа од МВР.

За оваа година се уште нема официјални информации колку лица го загубиле животот во 2021 година во сообраќајни несреќи. Познато е дека и покрај тоа што голем дел од годината мина со рестрикции на движењето, во 2020 година како последица од сообраќајки животот го загубиле 125 лица.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста