Втор случај на индискиот сој во Македонија

Втор случај на опасниот индиски сој на Ковид 19 е регистриран во Македонија. Станува збор за пациент кој бил хоспитализиран во приватна клиника во Скопје. Од каде се заразил во опасната мутација, за сега не се знае. Информацијата ја потврди министерот за здравство Венко Филипче. Тој смирува – епидемиолошките анкети покажале дека нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки.

„Пред два дена имавме состанок во рамките на Берлинскиот процес со германскиот министер за здравство и сите министри од регионот од Западен Балкан. Стравување од индискиот сој или некоја нова форма на мутација која може да виде позаразна од сегашните актуелни постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на бoлеста или од смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Досега епидемиолошките анкети кои се направени покажаа дека нема некаков ризик, а со тоа и дополнителни мерки не треба да се прават“, рече министерот Филипче.

Првиот случај на заразен со индискиот сој на коронавирус беше откриен на почетокот од јуни. Тогаш надлежните обелоденија дека пациентот пред да стигне во Македонија престојувал во Ирак и таму десетина дена се лекувал од корона вирусот. Штом стигнал во Македонија, со возило на Итната помош бил префрлен на болничко лекување во приватна болница во главниот град.

Неодамна во земјава беше детектиран и случај на нигерискиот сој кај полковник на АРМ кој се заразил на мисија во Централноафриканската Република. По 22 дена лекување на Инфективната клиника, тој беше пуштен на домашно лекување.

Биљана Божиновска

Advertisements