Протест на Украинците во Македонија пред Руската амбасада во Скопје

Со солзи, страв и загриженост, Украинците во Македонија повикаа да се спречи убивањето на невини луѓе во Украина. СТОП за Трета светска војна и НЕ на насилството –  не ја сакаме Русија во Украина туку сакаме да чекориме по својот пат – платена е висока цена – вакви пораки упатија на протестот Украинците кои се плашат се животот на нивните роднини и пријатели. Мирниот марш започна на Плоштад Македонија и заврши пред Руската амбасада.

Европа разбуди се, Русија што правиш?! Во Украина имам мајка, татко, внуци, многу блиски роднини. Јас сум на протестов за сите мои Украинци. Ова е минимум што можам да го направам. Јас немам друг избор, сакам да ја одбранам државата. Ако треба ќе одам да се борам. Ние никого не напаѓаме, само се браниме. Путин е убиец“, рече Андреј Х. државјанин на Украина кој живее во Македонија.

Низ солзи ја отпеаја украинската химна, молеа Руската инвазија врз Украина веднаш да престане и побараа поддршка од сите земји во Европа. Заклучија – она што денес сме ние – утре може да биде било кој.

„Денеска ме прашаа како се чувствувам за случувањата во Украина, тоа е како да имаш неизлечива болест. Јас сум преполна со гнев. Во сегашноста некој може да нападне држава, поради нереални причини. Ние бараме ослободување, ние сме слободни и го избравме патот. Знам дека денешниот протест нема да смени многу. Но секој слободен човек може да изрази протест на овој начин“, рече украинката Камила Велковска, која во Македонија живее повеќе од 25 години.

Претседателот на Здружението на Украинци во Македонија Олександр Урбановиќ вели дека се спремни да понудат помош на секој Украинец кој ќе побара.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста