Жестоки битки во Украина – Путин испорача услови, Бајден го предупреди за последиците

Руската армија продолжува со жестоки напади врз украинската територија. Најтешки борби се водат околу приморскиот град Мариупол, а доцна попладнево  под руска контрола е и регионот околу некогашната нуклеарна централа  Чернобил.  Расте бројот на жртви, но и на повредени.

Во меѓувреме рускиот и американскиот лидер застанаа пред камерите – секој ја брани својата страна. Путин дециден: Украина не им оставила опција Б. Зборува за „специјална воена операција“ чија цел била „демилитаризација и денацификација, а не окупација на Украина“.

„Она што се случува е неопходно, ова е присилна мерка. Украина можеше да создаде такви безбедносни ризици за нас што не беше јасно како Русија ќе можеше да продолжи да постои и не беше можно да се одговори со други средства. Тие не ни оставија шанса да постапиме поинаку“ изјави Путин.

За Џо Бајден, Путин е агресорот. Според американскиот претседател, тој сака да го оживее Советскиот сојуз. Му се закани на рускиот лидер дека ќе биде отфрлен од меѓународната сцена, а последиците ќе ги сноси тој и неговиот народ:

Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците. Денеска најавувам строги санкции, последиците ќе бидат тешки за руската економија. САД тоа не го прават сами, туку во соработка со ЕУ и многу партнери ширум светот. Само што разговарав со лидерите на Г7. Ќе ја ограничиме способноста на Русија да работи во долари, фунти и евра“, рече Бајден.

Украинскиот претседател во неговата последна порака го повтори апелот за  смирување на тензиите. Зеленски уште во текот на денот очајно бараше помош од западот: „Украина не зачекори на патот на војната, туку Украина предлага враќање на патот на барање мир“ е последната порака на Зеленски.

Во Украина има вонредна состојба, а од вечерва во Киев на сила е полициски час. Дел од жителите на Киев но и кризните региони спасот го побараа во засолништа и подземната железница. Многумина спасот го бараат кон границите со Полска, Романија и Словачка. Додека руските сили војуваат на украинската територија и Москва не е мирна. Повеќе од 730 лица се приведени во 40 градови ширум Русија.  Протести се одржаа и во Тумен и Санкт Петербург. Во Екатеринбург неколку десетици луѓе пееја дека не сакаат војна.

Она што паѓа во очи е дека двете страни различно известуваат за воената криза. Но каква е драмата и што се се случува на терен отсликуваат бројните видеа на социјалните мрежи уште од утрината кои сведочеа за масивноста на нападот.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста