Ковачевски: Ни претстојат економски предизвици, Мицкоски: Власта нема капацитет да се справи со последиците од кризата

Македонија како земја членка на НАТО, не треба да се грижи за безбедноста и можните последици од руско-украинскиот конфликт, но дефинитивно загрижува претстојната економска криза која дополнително ќе се продлабочува, признава премиерот Димитар Ковачевски. Не очекува неизвесна година, но Владата будно ги следела состојбите и ќе реагирала на време.

Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму, уверува премиерот Ковачевски.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ овие изјави на премиерот се само ширење демагогија и ништо друго. „Премиерските чевли на Ковачевски му се преголеми, вака изгледа кога детски ќе се заигра човек со премиерската фотелја“ реагираше Христијан Мицкоски на вонредното видео – обраќање на премиерот. Го повика Ковачевски итно да каже, како ќе се справи со економските последици.

Дома имаме работа со поимот стагфлација што е комбинација од висока инфлација, високи цени и стагнирање на економијата. Денес секое семејство пред се го мачи тоа што бензините за две и пол години се покачени за 70 проценти, струјата е повисока за 30 проценти, цените на лебот, млекото и маслото вртоглаво растат. Можен е нов ценовен шок на енергенсите, додека државата се уште одбива да се откаже од акцизата за горива која ја зголеми. Нема никаква дополнителна набавка на стокови резерви во состојба кога целиот регион посветува внимание на оваа тема, изјави Мицкоски.

Дека животот во Македонија е тежок а стандардот во континуитет опаѓа, покажува и последниот извештај на Евростат, забележува Мицкоски. Во 2019 година три пати повеќе луѓе заминале да работат во странство во однос на бројките од 2012, односно бтојот   на издадени дозволи во 2019 бил повеќе од 26 илјади, а во 2012, 9317.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста