Продолжува хаосот со термините за вакцини – МЗ се правда терминот важи без разлика во кој вакцинален пункт ќе се вакцинираат граѓаните

Продолжува хаосот со термините за вакцинација. Освен што од помалите градови граѓаните беа приморани  да се вакцинираат во градовите каде што има пунктови за масовна имунизација, сега и скопјани добиваат термини во Битола и Охрид. Каде е логичноста на распоредувањето на термините? Кога се појавија овие проблеми уште пред една недела тогаш здравствените власти го вперија прстот во граѓаните, со оправдување дека погрешно биле пополнети апликациите. Но реакциите не велат така:

Ми закажале термин во Битола а живеам во Скопје, Ново Лисиче и најблиску ми е Јане Сандански каде што се врши вакцинација. Не сум само јас со овој проблем..срамота!

И јас добив порака за вакцинација истиот ден во Охрид а избран пункт ми беше поликлиника Јане Сандански.

Барем вас ви стигнало уредно на ваше име, нас ни стигна на име на друг човек?

Урдно се пријавив на вакцинација.мк уште во февруари со место на живеење Скопје, денес добив покана да се вакцинирам во Охрид.Се обидов да најдам контакт но вртењето по телефонски броеви од МЗ беше неуспешно.

„Живеам во Гостивар и добивам термин за вакцинација во Охрид. Како е можно кога има пункт за вакцинација во Тетово.

„Ако МЗ упорно тврди дека велешаните што добиле термини мораат да се вакцинираат во Кавадарци зошто тогаш при регистрација доваат опција да се одбере 3Д Велес? Нека го тргнат и крај нема тогаш никој да се буни.“ – се дел од коментарите на граѓаните.

На прашањето дали, како и кога ќе се реши хаосот со термините, од Министерството за здравство, овој пат не се правдаа со граѓаните:

“Доколку граѓанин добие порака дека треба да се вакцинира во пункт во друг град, а во неговиот град има пункт за масовна вакцинација истиот може да се вакцинира во својот град, задолжително докажувајќи го терминот со смс порака добиена од Мој Термин.” – велат од МЗ за Алфа.

По ова се поставува прашањето – зошто здравствените власти не реагираат навремено, со оглед на тоа што знаат за проблемот, и барем да се обидат да ги известат граѓаните дека треба да ја игнорираат добиената смс порака за вакцинација во друг град.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста