Продолжува бојкотот на наставата во ОУ „Љубен Лапе“ до 14 февруари, потоа засилени мерки

Бојкотот на наставата во училиштето „Љубен Лапе“ продолжува до 14 февруари – информираа од Советот на родители. Доколку в.д директорката заедно со инспекторите не изнајдат решение, наставничката по математика која според изјавите на родителите ги малтретирала учениците, да ја отстранат од настава – ќе се активира целосен бојкот на сите наставни предмети. Од Просветниот инспекторат се уште немаат целосен извештај за надзорот во училиштето. „Информираме дека поради обемноста на надзорот истиот сеуште е во тек, а од досега направениот увид произлегува дека ќе се донесе Решение со кое ќе се нареди да се превземат сите законски мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, од страна на органите на управување и раководење во училиштето“ – велат од Инспекторатот.

Наставничката која родителите ги пријавила во полиција е член на дисциплинската комисија која треба да донесе одлука за начинот на санкционирање на нејзината колешка, поради што родителите бараат нејзино изземање од комисијата за да се спречи непристрасно делување.

Родителите тврдат дека наставничката по математика психофизички ги малтретирала учениците. Ги навредувала и не им дозволувала да излезат од училница дури и ако имале физиолошки потреби. Многу пати барале од поранешната директорка но и другите институции да се реши проблемот но попусто.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста