Рашковски излегува од домашен притвор

Заврши мерката куќен притвор за Драги Рашковски и сега екс- владиниот генерален  секретар може слободно да шета додека ја чека пресудата за „Софтвери“.

Парцела во Струмица вредна речиси 105 илјади евра и друг недвижен имот во Скопје кој чини 88 илјади евра се гаранција со која му се одреди мерката за претпазливост.

Обврска на обвинетиот да се јавува секој работен прв понеделник во месецот во 10,00 часот, на овластено службено лице при Основен кривичен суд Скопје – Одделението за организиран криминал и корупција, по укинување на мерката притвор. Привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница на име на обвинетиот Д. Р. од С., односно забрана за нејзино издавање – стои во образложението од Апелацискиот суд во Скопје.

Кога беше уапсен лани, Рашковски сакаше слободата од ефективен притвор да си ја купи за половина милион евра, но тогаш беше одбиен. По месец и половина во Шутка мерката беше заменета со домашен притвор и тоа без никаква гаранција.

Но, се уште виси прашањето од каде му се парите на Рашковски. Кога последен пат се појави во јавноста уверуваше дека не постои промена во неговата имотна состојба освен подароците кои ги добивале неговите деца.

  • Децата имаат заштеда која е од нивните родендени и мекици, а се друго што поседуваат е мој имот, кој сум го имал и пред тоа. Се вулгаризира целата работа. Станот, имотот во Струмица сум ги имал и пред да станам функционер. Новиот имот кој што е купен во Побожје, е имот на кредит“, кажа Рашковски.

Екс-генералниот секретар беше главна тема и во последното писмо на Бојан Јовановски алијас Боки 13 од затворот во Идризово. Јовановски со јавноста сподели фотографии од Ватс апп комуникација со сега покојниот Жарко Луковски кој бил советуван од екс премиерот Зоран Заев да се види со Рашковски.  Во друга порака Луковски му потврдува на Заев дека се виделе со Рашковски и оти „споделиле компетно идентични мислења“.

Со Рашковски се поврзани и низа други афери. Дел од медиумите пишуваа и за случај во кој склучил тригодишен договор за софтверски лиценци од милијарда денари откако во отворена постапка отпаднале условите за  техничка и професионална способност, за  џипот Волво кое не беше во неговиот анкетен лист, за автомобилот „Доџ вајпер кабриолет“ кој на пазарот чини 50 илјади евра а за кој Антикорупциска отрки дека е заведен како да вреди пет илјади.

Пред две години пак беше отворен случајот со набавка на софтвер во М Нав од фирмата Леонардо кој сеуште нема разрешница, каде главната улога повторно ја имаше Рашковски.

Последно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за вмешаност на Рашковски во јавните набавки во ЈП Дрисла.

Рашковски сега ќе може слободно да шета, иако тоа го правеше и додека беше во домашен притовр, ако се суди по фотографии кои протекоа во јавноста а на кои тој се движи без придружба во скопски Аеродром. Интитуциите тогаш се правдаа дека имал дозвола поради здравствени причини.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста