Продолжение на скандалот „Мафија“: И албански нарко бос добил македонски пасош со лажен идентитет

Албанскиот нарко бос Флоријан Мусаи во јули 2019-та станал Македонец со туѓ идентитет, го добил името Наум Фила, со кое патувал во повеќе држави во Европа и Јужна Америка, открива опозицијата во продолжение на големиот скандал „Мафија“. Ова е втор нарко бос за кој ВМРО-ДПМНЕ открива дека добил македонски пасош со лажно име, по Турчинот Седат Пекер. Она што е проблематично, е што овој пасош за Мусаи, бил даден додека траела истрагата на МВР за предметот на кој му дадоа име „Двојник“.

-МВР во регуларна постапка, во јули 2019-та година му издала македонски пасош со број Ц1265083 и на шефот на нарко клан од Албанија, Флоријан Мусаи со позајмен идентитет на Наум Фила, роден на 22 јануари 1986 година, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Засега за давањето на 215 пасоши со туѓ идентитет, осомничени се само 10 лица, но ниту едно звучно име. Според Николоски невозможно е обичните полициски службеници, криминалот да го правеле без знаење на своите раководители, директно поставени од Оливер Спасовски. Николоски прашува како било дозволено Седат Пекер да се фотографира за лична карта во Македонија, четири дена откако бил протеран од државата.

-Зошто никој од МВР нема издадено потерница по некој од овие мафијашки босови и зошто за злоупотреба паѓаат само ситните риби, со цел да се заштитат крупните риби. Одговорот е зошто мафијата е во врвот на власта и за крај зошто МВР не проверува какви банкарски сметки имаат овие луѓе во Македонија, дали се переле пари од страна на овие луѓе, изјави Николоски.

Од опозицијата обвинуваат дека на чело на овој криминал стојат највисоките луѓе од власта. А дилема дека кај МВР можеби имало желба да се сокрие овој случај, буди и обраќањето на поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој вели дека истрагата за овој случај била завршена уште во неговото министерување и прашува зошто се чекало досега.

Уште поголема дамка на овој случај фрла и изјавата на Спасовски дека не планирале да објават за овој скандал толку рано, туку сакале да чекаат уште малку, но потегот на опозицијата ги забрзал работите.

-Беше планирана за реализација за неколку дена, кога сите активности ќе бидат завршени со партнерите. Ја забрзавме заради деконспирацијата, не заради настапот на опозицијата. Тоа е како да кажам многу, ајде да не употребам некој лош збор, меѓутоа на крајот од краиштата многу лошо е да соопштите дека тие биле тие кои што потикнале нешто да се случува во државата, изјави Спасовски.

Покрај Флоријан Мусаи, опозицијата откри докази за уште едно име поврзано со криминал, кое добило македонски пасош со украден идентитет, а за кое веќе пишуваа медиумите. Станува збор за Србинот Стефан Ѓукиќ, кој минатата година бил уапсен во Украина, во обид да убие регионален криминалец, а во себе имал македонски пасош и се претставил како Македонецот Каце Ѓерги. Министерот Спасовски тврдеше и дека Мицкоски имал секојдневен контакт со еден од приведените за оваа афера. Николоски пак вели дека последен со кој лидерот на опозицијата комуницирал, а може да е поврзан со скандалот „Мафија“ е премиерот Зоран Заев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста