Мицкоски ја објави аферата „Мафија“, па Спасовски реши да излезе, уапсени само вработени во пасошко

Опозицијата ја објави аферата „Мафија“, па на министерот Оливер Спасовски му текна да излезе и да открие што полицијата работела повеќе од две години. На прес-конференцијата Спасовски штедеше на зборови – детали за големиот скандал не откри . Акцијата на МВР доби име  „Двојник“, се бараат виновници за издавање на 215 пасоши, со туѓ идентитет на познати криминалци и нарко босови од регионот. Засега опфатени се само десет лица, но ниту едно познато име. Девет од нив вработени во службата за издавање пасоши и еден посредник. Еден од осомничените е во бегство, а другите се приведени. Сите вработени иако под истрага и можност за повторување на делото, во текот на минатите две години непречено си ги извршувале своите работни обврски. Дали меѓу лицата имало и некој на раководна функција во министерството, Спасовски не сакаше да даде прецизен одговор.

-Секој еден кој што учествувал во ова е опфатен во акцијата и за тоа ќе сноси одговорност(Значи раководно лице нема?) Одговорив јас (Да или не, ајде ако може прецизно?) Да ви одговорив дека има контролори, кои што ја контролираат целата оваа работа и целиот овој процес, ви одговорив дека лица од управните служби, изјави Спасовски.

Лицата кои опозицијата ги откри дека добиле пасоши со туѓи имиња, се познатиот турски нарко бос, Седат Пекер и Јован Вукотиќ од таканаречениот Шкаљарски клан од Котор. Првиот го добил името Џадим Адемовски, а вториот Ѓорги Андонов. Неколку медиуми објавија дека Србинот Стефан Ѓукиќ, минатата година бил уапсен во Украина во обид да убие регионален криминалец, во себе имал македонски пасош и се претставил како Македонецот Каце Ѓерги. Останува непознато зошто овие лица засега не се опфатени во кривичните пријави, но и зошто било дозволено да ја напуштат Македонија, иако токму нивните пасоши биле дел од истрага. Спасовски само кажа дека се истражувало и за нив, но без да открие некакви детали.

-Продолжува истрагата што ја работиме заедно со нашите партнери, заедно со Интерпол, таа мора да доведе со секој еден не само што создал фалсикувана исправа, туку и оној кој што ја користел, за дел од тие луѓе секако дека има покренати одредени постапки и во другите држави затоа што биле откриени дека не постојат таквите патни исправи. Така да ова е една комплексна акција и која што ќе продолжи и понатаму се со цел да се расчистат сите овие случаи кои што се поврзани со издавањето на ваквите патни исправи, изјави Спасовски.

Откако ја објави аферата мафија, сега под напад на власта е лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Министерот Спасовски побара од Обвинителството да отвори процес против него поради наводна саботажа на акцијата на МВР. За кривичното дело саботажа според македонските закони предвидена е казна затвор до 4 години.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста