Приватните стоматолози повторно игнорирани од надлежните

Растрганати помеѓу Хипократовата заклетва и беспарицата која се посилно ги притиска, приватните стоматолози од земјава и пред новиот петти пакет Ковоид – мерки, оставени на цедило. Иако поминаа безмалку два месеци од нивниот последен он-лајн протест, никој од надлежните органи не нашол за потребно конкретно да им одговори на нивните две основни барања: директна финасиска помош заради исплата на минималната бруто плата, и ослободување од фискалните и парафискалните трошоци се додека трае кризната состојба.

„Единствено се огласија од Канцеларијата на премиерот, од каде што добивме информација дека нашите барања се проследени до економскиот сектор, односно до заменик-премиерот Битиќи. И тоа беше се“, – изјави за Алфа, претседателот на Здружението на приватни стоматолози, д-р Жарко Ѓорѓиев 

Соочени со банкротот, кој, како што велат, со секој нов ден се посилно им тропал на нивните ординации, стравуваат дека, ако не влезат и во овој петти пакет мерки, речиси 800 приватни стоматолошки ординации со над 1000 вработени можно е да останат на улица.

Следејќи ги нашите статутарни и програмски определби, ние ќе продолжиме напред…и ќе бараме решение, т.е.ние нудиме решение, само бараме да биде по пат на преговарање. Доколку тоа не успее институционално, во тој случај,  ќе продолжиме со он-лајн протести , а кога ќе се создадат услови, односно кога нема да има рестриктивни мерки, кога ќе може да се излезе на улица, тогаш со физичко присуство ќе го искажеме нашиот револт пред надлежните институции“, – објаснува д-р Жарко Ѓорѓиев.

Инаку, во земјава има над 1.200 приватни стоматолошки тимови, а повеќето од половината од нив, заборавени од државата, веќе подолго време дишат на шкрги, како што велат самите.

Каролина Дурло

                                                                                                       

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста