Прилеп изби на првото место од републичката скала според бројот на починати Ковид-пациенти

 Со вкупен број од близу 170 досега починати, од кои дури дваесетина само во последната седмица, Прилеп изби на самиот врв од републичката, црна Ковид-статистика, покажуваат графиконите на универзитетскиот професор, д-р Дејан Трајковски, кој уште пред еден месец предупреди дека Прилеп станува – македонскиот Вухан. Според кумулативната инциденца и стапката на леталитет на 100.000 жители, Прилеп високо котира на македонските ранг листи, односно се наоѓа на 4 и 5 место. Но, производот на овие две стапки го дава морталитетот, според кого Прилеп е прв на македонската ранг листа, со 70 посто повисок морталитет од македонскиот просек, објасни за Алфа, проф. д-р Дејан Трајковски.

„Моментално, бројките се во намалување, таканаречената преваленца, односно бројот на активни случаи на 100.000 жители во Прилеп е некаде околу републичкиот просек. Меѓутоа, Прилеп многу долго време бележи вакви високи бројки, па иако се во намалување, потребно е и понатамошно големо внимавање од страна на населението за да започнат бројките конечно да се намалуваат“, – вели проф. д-р Дејан Трајковски.

Проф. Трајковски, кој за своите математички пресметки ја користи дата-базата на Инситутот за јавно здравје, а која се ажурира на неделна и дневна основа, непријатно е изненаден од процентот на починати пациенти во болнички услови.

„Околу 33,1 процент од сите пациенти кои биле примени на болничко лекување, починале, односно случаите биле затворени со смртен исход,“ – посочува проф. д-р Дејан Трајковски.

И градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, утринава ни потврди дека бројот на починати пациенти и понатаму е загрижувачки, но, според него, веќе било забележано извесно затишје од притисокот на новозаразените пациенти, а зголемен бил и бројот на оздравени граѓани.

Бројот на прегледи, исто така е намален. Од прилика секој ден имаше по стотина прегледи..вчера, завчера имаше негде околу 75-80, така што 20-тина посто, или еве, 10-15 посто во просек е намалено….Во последните 7-8 дена бројот на оздравени пациенти е поголем од бројот на новозаболени…Јас се надевам дека овој тренд да се одржува вака извесен период за да почне после да намалува.. Ама…очекувам после 20-ти јануари, повторно зголемување на тој број…што е и за очекување…“, – објасни градоначалникот Илија Јованоски.

Инаку, и покрај вакавата драматичната состојба која кулминираше во последниов месец и огромниот страв на преплашените прилепчани, сепак пред две недели, министерот за здравство, Венко Филипче, процени дека немало потреба од воведување на порестриктивни мерки, одбивајќи го барањето на градоначалникот – градот да биде ставен во карантин. Исто така, Прилеп, и покрај вакви застрашувачки бројки, досега нема добиено никаква помош од државата за справување со Ковид- кризата, за разлика, на пример од општина Арачиново, која е со само 21 заболен, а доби 500.000 евра помош ?!

 Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста