Причина за застрашувачката стапка на смртност во Македонија е затајувањето на здравствениот систем

Состојбата со смртноста во Македонија се по алармантна. За три дена 51 лице ја изгубија битката со Ковид 19. Од нив 85 отсто се со претходни хронични заболувања. Поголем дел починале дома или во болница, но откако биле доцна хоспитализирани. За да не се преоптоваруваат болничките капацитети, во многу случаи матичните лекари ги  советуваат пациентите да се лечат во домашни услови.  Но овој факт здравствените власти  како да не го земаат во предвид . А хронично болните остануваат и натаму изложени на ризик.

Од министерството за здравство без конкретен одговор – дали имаат стратегија да ги заштитат.

“Мерките за враќањето на дел од хронично болните лица на работа се добро проценети и анализирани пред да се имплементираат. Не се враќаат сите пациенти со хронични болести на работа, туку се враќаат тие коишто можат да работат согласно проценката на лекарот специјалист. При тоа се води сметка за пациентите  на кои им е влошена болеста и секако одлуката зависи од типот на хроничната дијагноза.” – велат од МЗ за Алфа.

На хронично болните им трае бесот и стравот – за тоа што во овие најлоши времиња треба да одат на работа,како што велат биле фрлени под возот. И бараат итно да бидат ослободени од работа.

Кон критиките за состојбата,се приклучи и првиот човек на собраниската Комисија за здравство Арбен Зибери, кој ја оцени ваквата ситуација како загрижувачка.Тој во интервју за 360 алармира дека причините за смртноста  итно треба да утврдат.

“Посебно е загрижувачка состојбата со смртноста во земјава од Ковид-19. Треба да се утврди што е причината за тоа. Дали е во прашање само задоцнето јавување на лекар или и недоволните капацитети на болниците, исцрпеноста на здравствените работници и неподготвеноста на здравствениот систем во целина.” –  вели пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, кој претходно беше директор на Центарот за јавно здравје-Скопје.

Ако продолжи ваквиот тренд, за седум дена ќе броиме повеќе од 100 починати. И експертите предупредија дека ако бројот на смртни случаи на дневно ниво е двоцифрен, Македонија ќе биде прва по стапката на смртност од коронавирусот во светот.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста