„После свадба тапани“: По сите направени отстапки, Заев лут на ветото и возврати на Бугарија

-Бугарија не е фашизам, Бугарија е нашиот пријател, изјави Заев пред две недели.

-Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ, изјави Заев денеска.

Заев со многу поостар тон удри по Бугарија, за само две недели го промени ставот. Ден по долгонајавуваното вето, премиерот го нападна источниот сосед, Според него довчерашниот пријател, направил голема геостратешка грешка, и го прекршиле договорот за добрососедство.

-Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Затоа сметаме дека причините за неодобрување на преговарачката рамка прават штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. И се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности ќе може да се надомести бргу, изјави Заев.

Откако го нарече Гоце Делчев херој и на Македонија, но и на Бугарија, рече дека сме имале заедничка историја, дека бугарскиот фашистички окупатор не бил фашист, Заев сега ја промени плочата. По добиеното вето вели:

-За Северна Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови. Затоа ние застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик. Ние велиме – ДА за Европа и велиме НЕ – за уцени врз македонскиот народ!, изјави Заев.

Откако претходно повеќе пати не го прифати повикот на опозицијата за ставовите во однос на Бугарија да се дојде до консензус во Собранието, Заев вели дека сега треба да го покажеме нашето единство, да сме работеле сплотени заедно.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста