Поречието препуштено само на себе, локалната власт мака мачи сама да си обезбеди економски развој на овој еколошки регион

Поречието препуштено само на себе, локалната власт мака мачи сама да си обезбеди економски развој на овој еколошки регион

      Со ревитализација на исклучително лошата патна инфраструктура и со осовременување на пола век старата водоводна мрежа, општина Македонски Брод ќе се обидува да го заштити производството и пласманот на автохтoниот, високо-квалитетен поречки костен. „Поречието, за жал, е препуштено само на себе. За централната власт како да не постоиме, па како локална власт со сите сили се трудиме сами да си обезбедиме каков-таков економски развој, барем со искористувањето на тоа што во изобилство ни го дала природата“, вели градоначалникот Жарко Ристески.

   „Кај нас костенот е автохтона сорта, цели костенови шуми се. И нормално, не може да се стигне до сите, затоа што реално, патиштата до шумите не се достапни. Сега, ние како општина работиме на ревитализација на дел од патните правци, а исто така и во однос на водоснабдувањето работиме на неколку инфраструктурни проекти да го зголемиме процентот на доток на вода и да го зголемиме квалитетот на самата вода“, – кажа Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

   Во Поречието се произведуваат просечно годишно околу 300 тони костени чиј откуп и пласман е доста проблематичен, бидејќи не постои јасна национална стратегија, па секој производител, индивидуално се снаоѓа како знае и умее. Најчесто, костените евтино им се продаваат на прекупци, а кои потоа на пазарите ги препродаваат по екстремно повисоки цени.

  „Реален проблем имаме со откупните цени. Ние како општина веќе водиме соодветна стратегија да донесеме инвеститор во Поречието кој ќе помогне да имаме легален откупен пункт и ќе имаме барем полупроизвод од костен или калибрирање на самиот костен, па потоа тој да се извезува во Македонија или надвор од неа“ –   објаснува Ристески.

  Инаку, со цел поголема популаризација на поречкиот костен и на производите од него, но и на Поречието воопшто, како еден од најеколошките региони во земјава, вчера и денеска во Македонски Брод по 16-ти пат се одржа традиционалната „Костенијада“, која од годинава е ребрендирана во Фестивал на костенот. Од општината уверуваат дека потенцијалите на Поречието се огромни, особено за развој на селскиот и ловниот туризам, како и на екстремните спортови. „Но, со вакава пасивност и незаинтересираност од државата, ќе ни остане само желбата“, разочарано коментираат броѓани. .

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста