Поднесена интерпелација: Ќе ја плати ли Димитров прв цената на неуспесите на Владата?

Дали Димитров прв ќе ја плати цената за поразите на Македонија на меѓународен план? Опозицијата ја поднесе најавуваната интерпелација за вицепремиерот за европски прашања, откако Македонија извиси пред портите на Европската унија и покрај сите отстапки кои ги направи кон соседна Бугарија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведуваат три причини за барање одговорност од Димитров. Првата е неговото непочитување на Собранието. Втората неуспешната работа на вицепремиерот, како во првите 100 дена од Владата, така и минатите години. Додека пак третата е пасивноста на Секретаријатот за европски прашања.

-0д 2018-та, па потоа 2019-та, па 2020-та година токму Никола Димитров како член на Владата, тврдеше дека Македонија добила одлука за безусловен почеток на преговорите за членство во ЕУ, што требаше да биде означено со првата македонско- европска меѓувладина конференција. За жал гледаме дека претседателството на СР Германија во 2020-та година, заврши без заклучоци за Македонија, изјави Антонио Милошоски.

Барањето одговорност за неуспехот на патот кон ЕУ, за владејачката СДСМ било доказ за како што велат деструктивноста и очајот на СДСМ. Преку партиско соопштение најавија дека нивните пратеници нема да гласаат за интерпелацијата на Димитров.

-За потсетување, интерпелација за Димитров имаше и минатата година. Тогаш, одвај 20 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за неа. Исто ќе биде и оваа година. Оваа интерпелација ќе биде уште еден пораз за ВМРО ДПМНЕ, Димитров ужива целосна доверба од пратениците на мнозинството, затоа што се бори за државните интереси, велат од СДСМ.

Околу интерпелацијата уште пред неколку дена на Фејсбук се огласи и самиот Димитров, порачувајќи дека барањето одговорност од него, било директен напад на државата и институциите. Ваквиот потег на опозицијата го оцени како очаен обид за создавање внатрешен раскол во Владата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста