Со промената на власта во Соединетите држави се најавува и промена на имиграциската политика

Со промената на власта во Соединетите Држави се најавува и промена на имиграциската политика. Во однос на ова прашање Џо Бајден има сосема различни ставови од Доналд Трамп.

Забрани за патување. Времено суспендирање на визите. Рестрикции на барањата за азил и на системите за прифаќање бегалци. Ова се дел од имиграциските политики на Доналд Трамп. Џо Бајден вети дека ќе ги ревидира.
Новоизбраниот претседател веројатно ќе издаде извршни наредби со кои ќе ги укине мерките воведени од актуелниот претседател, сметаат аналитичарите.

„Сите нешта кои претседателот Трамп ги направи унилатерално, можат да бидат исто така унилатерално укинати. На пример, се очекува да биде укината забраната за патувања речиси веднаш. Ограничувањето за бегалците, мислам дека ќе биде променето. Тоа јасно спаѓа во моќта на претседателот.

Напорите на претседателот Доналд Трамп да ја укине програмата ДАКА со која децата донесени нелегално во САД добиваат право на престој, предизвикаа серија протести“, вели Морин Свини, професорка по имиграција.

Програмата беше воведена во времето на Барак Обама и имаше за цел да спречи депортација на илјадници луѓе кои пристигнале во земјава како деца, во најголем дел од Мексико.

Доналд Трамп ја нарече „нелегална амнестија“ но вети дека ќе им помогне на овие луѓе доколку Конгресот донесе таква одлука.

„Јас имам љубов за овие луѓе. Се надевам дека Конгресот ќе може да им помогне и тоа на соодветен начин.
Но, Конгресот не направи ништо, па програмата заврши на суд. Последната одлука е дека таа треба да остане во сила, иако противниците најавуваат дека ќе продолжат со нејзино оспорување“, Доналд Трамп, претседател на САД.

Поддржувачите на имиграциските политики на Трамп сметаат дека промените кои тој ги воведе биле неопходни.

„Она што администрацијата на Трамп се обиде да го направи е враќање кон оригиналната намера на Конгресот кога тој воведуваше голем дел од ваквите програми. Мислам дека ова беше фокусот на администрацијата при правењето на овие промени“, Лора Рајс, Фондација Херитиџ.

Програмата за прифаќање на бегалци под администрацијата на Доналд Трамп беше намалена на рекордно ниско ниво, Џо Бајден вети дека ќе го зголеми бројот на апликации на 125 илјади. Но, аналитичарите велат дека за тоа треба многу работа.

„Во многу случаи агенциите кои се одговорни за населување на бегалците се десеткувани. Луѓето кои работат таму сега работат на други прашања. Многумина ги напуштија зашто долго време не прифаќаме бегалци. Ќе мора повторно да ги изградиме овие агенции и да ги направиме посилни и подобри од претходно“, Мишел Васлин, Универзитет Џорџ Мејсон.

Џо Бајден уште во кампањата најави дека доколку победи ќе го запре и градењето на ѕидот на границата со Мексико, проект кој беше едно од главните ветувања на Доналд Трамп и кој по се изгледа ќе остане недовршен.

И покрај сите најави, експертите сметаат дека имиграцијата веројатно нема да биде на врвот на агендата на Џо Бајден, барем додека не заврши справувањето со пандемијата и со економските последици од неа.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста