По толку лажни датуми за ЕУ Заев е сега претпазлив со ветувањата
Во јуни тешко, а до декември можеби – уверливите изјави дека добиваме датум за почнување преговори цели три години, премиерот Зоран Заев ги замени со умерени ставови, оптимизмот да не се подигал премногу. Македонскиот премиер веќе најавува дека можеби нема да има ниту договор со Бугарија до 22-ри месецов, ама затоа во четврток најавува средби во Софија во последен обид да го тргне бугарското вето. Како што веќе рече спремен е и да моли за позитивен исход.
Дека македонските интеграции и на овој самит на Унијата се поизвесно дека остануваат само посакувана желба, потврдува и Заев во интервју за МИА. Вели дека ќе ја чекал новата политичка влада, ако не успее да ја убеди техничката за Бугарија да се откаже од своите црвени линии и да го тргне ветото за Македонија. Ама се надевал дека со „братскиот народ“ ќе сме дошле до конечно решение оти проблемот не бил нешто посебен, туку смешен.
-Ако не успееме да го постигнеме тоа на 22 јуни, барем да ги заокружиме овие дискусии и да чекаме политичка влада во Бугарија. На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенијата конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, вели во интервјуто Заев.
Заев сепак сигурен вели, оти план Б ниту друга алтернатива немало. Европа морало да ја донесеме во Македонија. Инаку Заев на НАТО самитот во Брисел веќе оствари средба со бугарскиот претседател Радев кој бара дополнителни гаранции од земјава дека ќе го почитува Договорот за добрососедство.
Ивана Соколовиќ Најдова