По нешто над три месеци укинат полицискиот час и целосно се олабавени мерките

Епидемиолозите препорачаа, Владата прифати – од денеска целосно се тргнати анти корона рестрикциите. Полицискиот час за прв пат после подолго време се укинува, а угостителските објекти ќе може да работат со вообичаеното работно време, до полноќ, односно до 01 часот за време на викендите. На свадбите и прославите ќе може да има повеќе од 100 гости, но не повеќе од 50 проценти од капациетот на угостителскиот објект каде се организира прославата и само на отворените тераси. Дозволено е и одржување на настани на отворено со максимум 1000 посетители.

Докорите велат олеснувањето на мерките било очекувано, бидејќи е лето и опасноста од ширење на пандемијата е намалена, но признаваат дека причина број еден за олеснувањето на рестрикциите е да се спаси економијата и да се помогне на туризмот. Сепак, стравуваат дека ширум отворените граници би можеле да бидат опасност во земјава да влезе опасната индиска мутација на корона вирусот. Апелираат дека неопходно е македонските власти да воведат задолжително ПЦР тестирање за сите домашни и странски туристи кои доаѓаат  од ризичните земји.

„Секако дека има опасност и тука би требало да се изигра малку посериозно на граница,  значи оној пропуст колку ќе го пуштиме да влезе кај нас. Но за сега ние имаме една отворена политика кон соседните земји и кон други земји каде е утврден индискиот сој, да лесно може да прелета со некој од Турција или од Египет кои што се во моментов на одмор. Зашитата се ПЦР тестовите кои може да се иработат пред да дојдат граѓаните повратно во нашата земја. Вакцинацијата си стои, секако дека треба да се убрза и да биде помасовна, вели Специјалистот по медицина на труд Илчо Ефкоски.

Дополнителна опасност за ширење на вирусот е фактот што вакцинацијата доцни. Доктор Ефкоски алармира дека обемот на имунизација мора веднаш да се засили, а надлежните да обезбедат што е можно поголем број на вакцини.

„Вакцинацијата треба да продолжи и да биде помасовна. Цело време тоа го апелираме докторите дека вакцината нуди каква таква заштита. Тоа е една дополнителна мерка на заштита, не е лек, и не треба така да се свати целата приказна. За жал кај нас народот смета дека штом е вакциниран веднаш е зашитен и потоа паѓаат маските, и за жал паѓаат маските и заштитата во првите две три недели кога се случува да имаме и реинфекции на луѓе кои што се веќе вакцинирани со прва или со втора доза, вели Ефкоски.

Имунизациајта во Македонија стартуваше со вакцините на „Фајзер“ и „Спутник“ кои беа донација од Србија, а деновиве продолжува по истиот терк, со вакцини донирани од Турција, 30.000 дози на „Синовак“ и 20.000 вакцини на „Астра Зенека“, кои за имунизиација на повозрасните граѓани ни ги подари Грција.

Во меѓувреме, надлежните се уште немаат точен датум кога ќе стигне долго најавуваната нарачка на 500.000 кинески вакцини „Синовак“. Нема одговор ни зошто доцни испораката на 200.000 дози на руски „Спутник“ количина што беше најавена за крајот на мај.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста