Ќе има ли парно греење годинава – граѓаните и експертите загрижени

Ќе се стоплат ли скопјани зимава – енергетската криза зема сѐ поголем замав, а власта е децидна дека нема да дозволи граѓаните да останат без парно греење. Енергетските експерти постојано алармираа дека се доцни со се, иако кризата беше евидентна уште летоска. Професорот Константин Димитров за Алфа вели дека Владата мора под итно финансиски да им помогне на компаниите, и бара сериозно решавање на проблемот, за сиот товар да не падне врз грбот на граѓаните.

И професорот во пензија, Ристо Цицонков од Машински факултет во Скопје, бара државата под итно да преземе мерки за опстојување на топлификационите системи, и барем во овој период од три месеци да се најде решение за цената на парното.

  • Ако не се најде решение многу од корисниците ќе се исклучат од системите и ќе се одлучат да користат греалки кои се поевтини, но за кои електричните мрежи во зградите немаат капацитет. Користењето на греалки е злосторство и опасност од пожари, вели Цицонков.
  • Ако го направат тоа, каков избор имаат во сегашнава постоечка ситуација? Тоа е греење со дрва и со електрична енергија. Првата опција е речиси неизводлива бидејќи најголемиот дел од становите немаат оџаци, а немаат ни услови за складирање на дрвата. Загадувањето со ПМ10 честички е уште еден неповолен факт. Вората опција, загревање со електрична енергија, може да се оствари на два начина: со електрични греалки (панелки или термоакомулациони печки) и со топлински пумпи (клима уреди). Ако корисниците на топлификациониот систем („парно“) ја одберат опцијата со електрични греалки (најевтина како инвестиција), ќе се направи огромна грешка. Електричната мрежа во зградите (и во дел од градската мрежа) не е димензионирана за толку големо оптоварување и можни се прегревања на електричните кабли (топење, дури и пожари), објаснува тој.

И додека сите си ја префрлаат одговорноста, граѓаните и натаму се жалат дека во нивните домови немало доволно топлинска енергија. Реакции има од Центар, Аеродром, Карпош, Бутел, Капиштец, Скопје Север, Топаанско Поле.

Од Владата информираа дека од следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но раскин на договорните обврски и прекин на греењето на домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо. Владата размислува дури и за опцијата за времено преземање на работењето на компаниите кои имаат лиценци за обезбедување на топлибнска енергија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста