По притисок на јавноста Филипче попушти, хронично болните нема да се вратат на работа од понеделник

Јавноста притисна, Владата попушти – пациентите со хронични заболувања наместо в понеделник да одат на работа, ќе останат дома. Надлежните ретарираа по бурните реакции од страна на Здруженијата дека рокот од два дена е кус и оти тоа ќе предизвика хаос во болниците поради илјадниците пациенти со хронични болести кои ќе брзаа да извадат потврда. Членови на Здруженијата за хронично болни на утринскиот состанок со министерот Филипче договориле одлуката на Владата да се одложи за најмалку 10 дена. Сепак, конечната одлука кој ќе се врати на работа ќе ја носат лекарите специјалисти, а не како до сега матичните доктори.

„Досегашната пракса се покажа како неприменлива, бидејќи голем број на луѓе имаа помали потреби и тие добиваа ослободување од работното место со што дојде до загрозување на овие високо ризични пациенти кои навистина имаа потреба, вели Милан Мишковиќ од „Хепар центар“.

„Ќе се дадат инструкции кај амбулантите за да не дојде до тесно грло кај специјалистите и мислиме дека тоа ќе функционира добро во служба на нашите пациенти“, вели претседатлот на Здружение на пациенти ХМЛ, Пепо Леви.

Специјалистите ќе издаваат и боледувања со подолга важност, а колкав процент од платата ќе им биде скратен на оние кои ќе користат боледување допрва ќе се утврдува. За ова, измени ќе има и во Фондот за здравствено осигурување.

„Разговаравме и за родителите кои имаат деца кои се високо ризични кои исто беа ослободени од работа. Значи тие може дополнително да добијат боледување. Се уште не е одлучени како ќе оди со боледувањето и со ослободувањето и како ќе бидат покриени платите ама тоа дополнително кога ќе биде позната бројката ма луѓе кои треба да бидат ослободени“, вели Весна Алексовска од Здружението „Живот со предизвици“.

Хронично болните имаат рок до 23 септември да извадат потврда од специјалист. Надлежните велат оти за оваа намена ќе биле пуштени дополнителни термини во попладневните часови. Пациентите со најтешко форми на болеста ќе можат потврда од доктор специјалист да земат и преку електронска амбуланта.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста