Протест на ВМРО-ДПМНЕ – граѓаните на нозе против цената на струјата

„Скапа струја, сиромашен народ“ , „Живот на вересија“, „Мафија на робија“, „Народот трпи за леб“ – со вакви извици и пароли илјадници граѓани го кренаа својот глас против поскапувањето на струјата и побараа оставка од првиот човек на регулаторната комисија. Опозицијата излезе со револтираните на улица. Мирниот протестен марш почна пред Министерството за правда, а заврши пред РКЕ, телото кое ја донесе непопуларната одлука за поскапување на струјата за речиси 7 и пол отсто. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека е недозволиво да се бранат мафијата, огромните провизии, партиските вработувања, а да се брцне во џебот на осиромашениот народ. Рече – кога неправдата станува закон, пркосот и отпорот мора да бидат обврска. Ги повика сите масовно да им се приклучат на протестите против, како што ја нарече Владата, мафијата од Илинденска.

Мицкоски излезе со три барања – враќање на старата цена на струјата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач, професионализација на регулаторната комисија со непартиски кадри, како и „Викенд без ДДВ“ во септември како што Владата вети пред изборите.

Мицкоски порача дека протестите ќе продолжат се додека не ја симнат, како што нарече, мафијата која дошла на власт преку поткупени избори. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе организираат серија тематски протести. Засега, освен првиот против поскапувањето на струјата не се знае за кои проблеми ќе излезат нареден пат на улица. Тие секојдневно алармираат за коруптивни скандали, наместени тендери, лошите економски политики и погрешното справување со последиците од пандемијата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста