Откупот на тутунот – времено прекинат, протестите ставени во мирување

         По дводневните масовни протести, в петок, на заедничка преговарачка маса ќе седнат откупувачите со претставниците на незадоволните тутунопроизводители, а од утре, времено се стопира откупот на тутунот на сите откупни пунктови во земјава и дотогаш, во мирување се ставаат и претходно најавените протести на тутунарите. Ова се заклучоците од денешната средба на министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа со претставниците на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунопроизводители и на Сојузот на тутунски здруженија.

     „Реално, наша улога како Министерство е чисто од аспект на мониторирање и ќе бидеме присутни заеднички на тој состанок и ќе ги претставиме барањата на Иницијативниот одбор на протестите. И оттука ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на тие барања што се поставени“, кажа министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.

    „Сакам да ги известам сите повереници во цела држава дека од утре до в петок, да се повлечат од вагите, додека в петок одиме на преговори со откупувачите, да видиме кое решение ќе се најде. Од утре до в петок нема да бидат на вагите и нема да се откупува тутун“, – посочи Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на Тутунски здруженија.

   „Ние од илегала, влеговме во легала. Нас не ни е целта да штрајкуваме, ние имаме работа по нивите, треба да работиме. Значи, нас ни е целта да најдеме начин, а има начин. Чим ќе се повлечат поверениците и чим ќе запри откупот, нашите протести ќе завршат до петок. Одиме на преговори и таму со правен тим кој што ја разбира проблематиката точно каде се случуваат тие спреги, на каков начин ни се зема тутунот во пониска класа. Да ги отвориме фактите за да докажеме дека тоа навистина се случува“, изјави Игор Мирчески од ИО на незадоволните тутунопроизводители.

     Незадоволните тутунари, револтирани од вчерашната изјава на директорот на прилепскиот Тутунски комбинат, Кире Станкоски, кој ги нарече лажови, денеска од него побараа јавно извинување, па дури и оставка, бидејќи тие не лажеле, а како доказ приложија пресметки од тутунари на кои се гледа дека просечната откупна цена била 141 ден. за килограм тутун, а не 171 ден, како што тврдеше Станкоски.

    Инаку, додека траеа денешните разговори, пред општинската зграда во Прилеп, повторно имаше насобрано поголема група незадоволни тутунари, кои министерот Хоџа го испратија со свирежи и довикувања.  

  Каролина Дурло      

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста