Откако извиси за новата влада, Никола Димитров се прогласи за „патриот“, кој имал тврди ставови за Бугарија

Никола Димитров се прогласи за патриот. Откако не се најде на списокот на новите министри на мандатарот Ковачевски, се пожали дека причината поради која бил изоставен биле неговите тврди ставови кон Бугарија. Човекот кој стави потпис на договорот за промена на името, и ги премолче сите навреди од Бугарите во изминативе години сега тврди дека со години водел битка внатре во власта за да ги заштити националните интереси. Не се повлекол сам, туку бил сменет.

„Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година, во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи нивната суштина ама и на стратегијата, односно текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни и во јавните пораки “– изјави Никола Димитров.

Димитров дури денеска заклучи дека декларацијата на бугарското Собрание и рамковната позиција на бугарската влада не биле цивилизациски, туку навредливи за македонскиот народ. Се пожали и од неговиот, сега, поранешен колега Бујар Османи за кого вели дека во преговорите со Бугарија сакал да постигне успех по секоја цена.

Немам целосна доверба во Бујар Османи, во однос на ова прашање со оглед на моето искуство и на интерните координации и контактите со земјите членки на европската унија и претставниците на европските институции во брисел, имам едно чувство дека таму има драјв за успех по секоја цена што мислам дека не е продуктивен и опасен – изјави Димитров.

Ваквите изјави ја изненадија јавноста, имајќи предвид дека Димитров цели пет години ја подржуваше политиката на Заев, а сега по три месеци самоизолација од јавноста реши да проговори. За идниот премиер кажа дека немал особено познавање од надворешната политика и не ја следел неговата работа. Димитров имал различни позиции и од специјалниот претставник во Бугарија Владо Бучковски, кој вчера беше разрешен на владина седница. Дека за неговите позиции немало место во Владата, според Димитров доказ биле и понудите за амбасадорско место во Вашингтон. 

Адријана Алекисеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста