Одрони од карпи создаваат проблеми на истокот

Поради обилните врнежи од дожд над 150 кубици карпи сношти завршија на пешачката патека во близина на штипско Ново Село, веднаш до влезот на археолошкиот локалитет Тунелот кој води до тврдината Исар. За среќа одронот се случил доцна и нема повредени. Штипјани кои живеат во тој дел од градот се уште вознемирени раскажуваат за силниот удар што ги разбудил од сон. Мештаните се загрижени, стравуваат од нови одрони кои би можеле да завршат врз нивните куќи.

„Паѓа карпата, посебно по обилни дождови. Ние сме заштитени и постојано чистме. На прозорците имаме мрежи, а куќите се цврста градба, градени се од камен“, изјави Сузана Станкова.

Бидејќи се уште има надвиснати делови од триесет метровата карпа и секој момент можат да се урнат уште стотина кубици, од денес дел од патеката е забранета за движење. Се чека стручно мислење од геолози, по што ќе се отпочне со санирање на штетите.

„Во наредниот период ЈП Стипеон откако стручните лица ќе направат анализи и местото ќе биде безбедно за работење, со посебна машина клукач ќе пробаме да ги срушиме карпите што се надвиснати и да ги отсраниме карпите за патеката повторно да биде безбедна за движење“, вели Игор Ефтимов, в.д. на ЈП Стипеон-Штип.

Се стабилизира и состојбата во Облешево каде што десетина куќи беа поплавени. По интервенција на надлежните водата е повлечена од дворовите. Во меѓувреме водостојот на река Брегалница полека се намалува.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста