Од 9.000 отпуштени за два месеци, на работа вратени само 500 работници

Дали мерките на Владата ќе ги спасат бизнисите, доволно им помагаат и навистина ќе ги вратат избрканите на работа? Министерката за финансии Нина Ангеловска излезе со податоци дека газдите вратиле само 500 луѓе на работа. Според Агенцијата за вработување, бројот на откази изнесува 9 илјади, според бизнисот, речиси 20 илјади. Од УЈП вчера соопштија дека конечната бројка на отпуштени, а повторно вратени на работа ќе се знае по обработката на сите барања.

„Околу 500 вработени до вчера беа вратени назад на работните места кои биле одјавени. Ниедна држава нема интерес да се отпуштаат вработени, која држава би сакала да има поголема стапка на невработеност. Ние се трудиме да ги задржиме луѓето продуктивни на работните места затоа што подобро е да бидат на работните места за кога ќе почне фазата на обнова таа компанија побрзо да се опорави отколку да кажеме дека ќе ги згрижи системот“ – рече Ангеловска.

Ако се знае дека скоро 22 илјади компании аплицирале за државна помош за исплата на плати, се поставуваат дилемите колку од фирмите што поделиле откази аплицирале за мерката, колку работници вратиле компаниите кои поднеле барања до УЈП, а колку од нив ги исполнуваат сите услови и ќе добијат пари? Голем дел од компаниите најавија дека размислуваат да стават клуч на врата. Тоа значи дополнителен раст на бројот на невработени. Универзитетскиот професор Трајко Славески тврди дека бројките ќе биле многу поразлични ако Владата ги вовела мерките побрзо.

Од најпогодените сектори има малку апликации. Угостителите поднеле само 2.377 барања, туристичките агенции 253, транспортерите 2.177, а објектите за сместување 258 барања.

Вчера министерката за финансии потврди дека конечно по бројни барања од експертите и бизнисот, се подготвува ребалансот на буџетот. За неа, најголем предизвик е неизвесноста околу коронакризата, односно тешкотиите при проектирањето на приходите и расходите до крајот на годинава. Претходно институциите скратија 106 милиони евра. Инаку дополнителната заменик министерка за финансии Димитриеска – Кочоска побарала ребаланс на буџетот уште на 24-ти март. Аналитичарите сугерираат кратење на непродуктивните трошоци и задолжителна реализација на капиталните инвестиции.

Техничкиот премиер Спасовски рече дека нема да се кратат капиталните инвестиции и дека засега нема одлука за кратење на платите во администрацијата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста