Обвинителството молчи: Останува непознато дали Јовески ќе отвори предмет против Русковска

Молк од Обвинителството дали ќе се постапува против Вилма Русковска, по тврдењата на Бојан Јовановски, дека нарачала камера за да биде снимено апсењето на Стевчо Јакимовски. Нема одговор на прашањето на Алфа дали ќе биде отворен предмет по допрен глас, откако Боки 13 во судница откри, дека шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сторила кривично дело.

-Вилма Рускоска ме информира за апсење на Стевчо Јакимовски и ми вели прати ТВ екипа. Вилма зборува за настаните од 27-ми април, зборува за други обвинители, зборува за Катица Јанева, ја нарекува свиња, зборува со мене за се, кажа Боки 13 во судница.

Доколку тврдењата на Јовановски се точни, тогаш Вилма Русковска ќе мора да одговара најмалку за прекршување на членот 143 од Кривичниот законик.

-Тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години, се вели во член 143 од Кривичен законик.

Одбраната на Стевче Јакимовски порача дека прво ќе почека реакција од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, односно Обвинителството да отвори предмет против Русковска. Доколку тоа не биде сторено, кривична пријава против неа ќе поднесат тие.

-Не само по еден, по три члена од Кривичниот законик, таа има прекршување. Значи имаме нејзино влијание на јавноста, нејзино влијание во предметот. Имаме дури сето она кое што медиумите го направивте, паралелата со случајот на господинот Љубе Бошковски е слична и во овој случај. А секако имаме и класична злоуптреба на службена положба, изјави Виктор Цветковски, адвокат на Стевчо Јакимовски. 

Одбраната на Јакимовски смета дека покрај кривична одговорност, за Вилма Русковска мора да има и дисциплинска постапка која ќе биде отворена внатре во Обвинителството.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста