Во просек десет Американци умираат секој час поради предозираност со дрога

Во просек десет Американци умираат секој час поради предозираност со дрога. Најголем дел од наркотиците доаѓаат од Латинска Америка. Ова е една од причините зошто Соединетите Држави со децении се вклучени во акции за сузбивање на нарко картелите.

Соединетите Држави и објавија војна на дрогата пред точно 50 години, но бројот на починати постојано се зголемува. Центарот за контрола на болести објави дека рекордни 93 илјади Американци умреле од предозираност во 2020-та година.

Најголем дел од нелегалните наркотици стигнуваат од земјите на Латинска Америка. Нарко картелите имаат добро разработени шверцерски канали.

Се работи за постојан притисок врз овие организации и ние правиме разлика. Но, јасно е кога ги гледаме десетиците илјади починати во САД, импактот кај државите – партнери и влијанието врз миграцијата, дека мора уште да се направи. – вели Адмирал Крег Фолер, командант на Американската јужна команда.

Минатата година САД и сојузниците спречиле рекордни количества дрога да влезат во земјата, но стотиците тони запленет кокаин се само мал дел од она што навистина стигнува до црниот пазар.

Наркотиците не се единствениот начин на кој картелите предизвикуваат проблеми.

Тоа е шверц на луѓе, нелегално рударство, перење пари. Секој нелегален бизнис кои им дава моќ и во многу случаи тие контролираат територии. Тие се и убијци. Ова е најнасилниот регион во светот и мора да работиме заедно. – вели Адмирал Крег Фолер, командант на Американската јужна команда.

Ситуацијата во Латинска Америка дополнително беше влошена од пандемијата со Ковид-19. Над еден милион или 30% од починатите на глобално ниво се од овој регион, иако таму живее само 10% од светското население.

Тие имаат поголеми тешкотии да одговорат на предизвиците сега отколку што имаа пред една година. – рече Даниел Ериксон, помошник – заменик секретар за одбрана.

САД досега испратија 20 милиони дози вакцини во земјите од регионот, а најавени се дополнителни количини.

Сиромаштијата и несигурноста поттикнати од пандемијата влијаат и на зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат да ја минат американско – мексиканската граница. Тие во најголем дел доаѓаат од Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор.

Тешко е за некои луѓе во регионот да ја гледаат иднината во нивните земји и затоа се обидуваат да дојдат во САД сега. Шверцерите на луѓе исто така ја искористуваат можноста, новиот став и реторика кои доаѓаат од новата власт. – кажа Рајан Берг, Центар за стратешки и меѓународни студии.

Но, дали властите планираат да ги преиспитаат ваквите политики?

Не би рекол дека ги преиспитуваме политиките, туку повторно го ги градиме. – рече Даниел Ериксон, помошник – заменик секретар за одбрана.

Администрацијата на Џо Бајден неодамна најави четири милијарди долари помош за Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор.

Сепак, експертите сметаат дека овие напори не се доволни – ниту за да им помогнат на луѓето во регионот, ниту за да ги одвратат мигрантите од обидите да влезат во САД, ниту за да ги сузбијат нарко картелите кои лежат во основата на проблемот.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста