Обвинителство за Aлфа : Рашковски прикривал траги и влијаел врз сведоци

Екс ген-секот на Владата Драги Рашковски се обидувал да влијае врз сведоци и правел обиди за прикривање на трагите од стореното кривично дело, потврдуваат од Обвинителството за организиран криминал за Алфа. Оттаму велат дека обезбедени биле доволно докази дека  патувањето во Мексико можеби било планирано да обезбеди простор за бегство, а не за приватна туристичка посета. Овие сомневања се и причината  поради која Обвинителството бара ефективен а не куќен притвор за Рашковски.

-Надлежниот јавен обвинител, анализирајќи ги сите факти и околности, оцени дека постои реална опасност осомничениот да се даде во бегство, особено ако се земе предвид дека тој неодамна се врати од патување во Мексико, а ОЈОГОКК не може да знае дали посетата на таа држава била туристичка или со цел да се создаде простор за евентуално бегство. ОЈОГОКК прибра доволно докази кои беа презентирани пред судијата на претходна постапка дека осомничениот се обидува да влијае врз сведоци, како и дека прави обиди за прикривање на трагите од стореното кривично дело. И покрај ова, судијата на претходна постапка одлучи да не го прифати предлогот за притвор, туку на осомничениот му определи мерка куќен притвор. Надлежниот јавен обвинител веќе вложи жалба на ваквата одлука, велат од ОЈО за Алфа.

Драги Рашковски од петокот е во куќен притвор за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, за кој ниту некој бил информиран, ниту пак некому бил потребен. Како генерален секретар на Владата ја спровел набавката, а претходно истата веќе била договорена со фирмата „Инвако груп“ која го доби тендерот. 

Но освен овој скандал не стивнуваат ниту бурните реакции на јавноста за информацијата која Алфа уште минатата недела објави дека џипот кој го возела неговата сопруга бил купен од страна на Игор Христов сопственик на „ГБЦ системи“, владин хонорарец за одржување информатички системи и еден од осомничените за набавката на софтверот за министерството за внатрешни работи.

Уште лани во декември „навреме“ го префрлил целиот имот на малолетните деца, па по избивањето на сите скандали Рашковски сега нема ништо на свое име. По станот во Скопје од 65 квадратни метри, децата на Рашковски сега целосно поседуваат 11.000 квадратни метри во викенд населбата Побожје во подножјето на Скопска Црна Гора.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста