За спикерот Џафери протоколот е над кривичниот законик, пратениците во скафандери никого не загрозиле
Цел час Талат Џафери пред новинарите ги објаснуваше случувањата во собранието и ја правдаше неговата одлука да дозволи заразени пратеници со корона во скафандери да влезат во парламентот и да гласаат.Се повикал на протоколот усвоен во јули,а надополнет во ноември. Го применил бидејќи тоа бил единственит начин за да се одблокира собранието. Според овој протокол пратениците кои се во домашна самоизолација,а немаат симптоматологија поврзани со ковид 19 под посебни услови и превентивни мерки можат да присуствуваат во собраниската сала. Вели се консултирал со надлежните институции и не бил своеглав. Но Џафери на протоколот му дава предност и пред кривичниот законик во кој се предвидени санкциите за оние кои го загрозуваат јавното здравје.
“Милион консултации со сите надлежни институции. Никој не бил загрозен затоа што со никој немал никаков контакт од тие двајца пратеници. По сите аспекти на комуникација па дури и од аспект на хартијата не правеле контакт со никој друг. Јас не сум ниту судија ниту обвинител. јас сум претседател на собрание и работам по протокол. Тој протокол не сум го донел јас. Цела држава работи по протокол. Во зкаонот не пишува да носиш маска денеска ти тука, така?” рече Џафери.
Членот 205 и 206 од Кривичниот законик за прекршителите на наредбите и прописите на државните органи и предзвикуваат пренесување на заразна болест предвидува парична или казна затвор од една до три години.
Кривичен законик
Член 205
“Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три годинa.”
Член 206
“Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.”
Прекршувањето на овие одредби според ВМРО-ДПМНЕ се причината поради која опозицијата до јавното обвинителство поднесе кривични пријави.
“На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на кои функционира според сите извештаи на меѓународните институции”, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Власта пак со свое објаснување зошто мораше парламентарците Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ во скафандери да гласаат кога ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе присуствува на седницата. Не биле сигурни дали ќе си го одржат зборот.
“Знаете дека претходно беа надвор ос салата и знаете дека впрочем со месеци наназад никогаш не можеме да бидеме сигурни кога ќе влезат во салата кога ќе излезат од салата и дали воопшто ќе гласаат”, рече Снежана калевска-Внчева од СДСМ.
Од Собранието се надеваат дека вакцинацијата во иднина ќе спречи вакви ситуации.
Градимир Марковски