Новиот британски сој на корона вирус ќе стане доминантен во Македонија

Новиот британски сој на корона вирус, кој и официјално е потврден во Македонија, ќе стане доминантен бидејќи лесно се пренесува, тврди генетичарот Горан Кунгуловски, кој мутацијата ја детектираше кај 46-годишен пациент. Тој не ја исклучува можноста британската мутација да била присутна во земјава уште од стартот на Декември, бидејќи пациентот кој се лекувал во приватната болница „Жан Митрев“ не патувал во странство. Мажот имал средно тешка клиничка слика и тој веќе шестти ден се води како оздравен.

„Треба да бидеме внимателни, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас, дека поради неговите веќе откриени особености најверојатно ќе стане се подоминантен и да бидеме во постојан мониторинг со воведување нови методологии. Препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат со цел утврдување на промената на соевите, а тоа ќе биде релевантно за самите стратегии за сузбивање на пандемијата, на пример дали ќе треба да се преземат порестриктивни мерки“, вели доктор Горан Кунголовски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“.

Новата британска мутација е за 70 отсто позаразна од обичниот корона вирус, а поновите индикации укажуваат оти е со 30 проценти поголема смртност. Сепак, Кунгуловски е оптимист дека постојните вакцини ќе бидат ефикасни и против оваа мутација.

„Според информациите, вакцините функционираат доволно добро и кон новите соеви на вирусот. При студиите е утврдено дека вакцините кои се неверојатно добри ги поминале сите фази на студии, имаат солидна ефикасност и ја неутрализираат појавата на сериозна болест при инфекција со коронавирусот“, додава тој.

Дали британската мутација на корона вирусот е причина за зголемениот број заразени на Клиниката за нефрологија допрва ќе се утврдува. Од Министерството за здравство, пак, велат оти за сега не се размислува за воведување на нови рестриктивни мерки.

Инаку, британскиот сој на Ковид 19 е регистриран во 70 земји во светот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста